На денешната трибина насловена „Што да се прави“, која ја организираа независни интелектуалци и здружената опозиција, Владимир Милчин, извршен директор на Фондација Отворено општество – Македонија, рече дека една од најголемите грешки на сите досегашни влади на СДСМ е што ги запоставила културата и образованието и денес го плаќа цехот за тоа.
Според него, втората голема грешка е кога владата на СДСМ во декември 2005 година сметала дека добивањето на кандидатскиот статус на Македонија за членство во ЕУ е доволно за да се остане на власт, но тогаш граѓаните го идентификувале СДСМ со партија која не е заинтересирана за нив. Третата грешка, е кога СДСМ гласал за законот за лустрација.
-СДСМ тогаш покажа неверојатен недостаток на инстинкт за нешто што ќе се претвори во инструмент на тоталитарниот режим. Тоа веќе не смее да се повтори. Повторното освојување на слободата дефинитивно не води преку традиционалните патишта на парламентарна демократија. Ова е неслободна демократија, тоа е поим кој веќе постои во политичката теорија и во неслободна демократија, вие не можете да соучествувате и да преговарате затоа што секогаш ќе ве излажат. Затоа што секогаш имаат оружје да ги искористат вашите слабости. Погледнете што се случува сега, две пратенички на СДСМ, со различни приказни се враќаат во парламентот. На тој начин ја минираат оваа стратегија.
Јас би скала да остане на тие две, ама проклетиот инстинкт или интуиција, ми вели дека нема да биде така. Дали некогаш сте се запрашале која е доминантната култура која членовите на СДСМ ја носат во себе, дали повеќе сакаат рокенрол или турбо фолк? Мислам дека турбо фолк. Какви книги читаат, ако вбоопшто читаат, каков театар гледаат, ако воопшто одат во театар…Не сум сигурен дека масовноста по секоја цена, без расчистени вредности вннатре во партијата – може да доведе до промена.
Можеби е време да се мисли малку поинаку, не да биде масовноста првата и најважната цел, не квантитетот, туку квалитетот, значи споделувањето на вредности кои ја прават таа политичка култура односно идеологија на една партија или на група партии. Знаете понекогаш сум збунет, разговарам со некого кој ми вели дека е од СДСМ а имам чувство со некој што всушност е од ВМРО, по речникот, по културниот хоризонт, по начинот на мислење…си викам зашто овој човек не е во ВМРО? И не ми е мене страшно кога се тоа возрасни луѓе, страшно ми е кога се тоа млади луѓе кои се откажале од слободоумието, тие чекаат директива и реагираат само на директива.
Не гледам во што е тогаш разликата. Тоа, за мене е прашање на културата и мислам дека тоа е сериозно прашање на СДСМ и на партиите од опозицијата, тоа мора да биде некаде на врвот на приоритетите. Како да се изгради, како да се создаде паралелен систем на образование, како да се афирмира поинаква култура, како да се соочат младите членови со еден друг свет. Мислам дека само тогаш имаме шанса, тоа не е шанса за утре, тоа не е ниту за задутре, оваа борба нема да трае кратко. Инсистирањето на брзи избори е погубно, брзите избори ќе значат неподготвеност на опозицијата за победа на тие избори, рече Милчин.
A.Б.