И на четвртиот натпревар на аргентинската фудбалска репрезентација на СП, Лионел Меси ја доби наградата за најдобар играч. Откако му соопштија дека е прогласен за МВП, аргентинскиот напаѓач изрази зачуденост.
– Не знам зошто ја добив оваа награда. Помогнав, но не бев оној кој го одлучи мечот, рече Меси.
Тој беше прогласен за играч на натпреварот и на сите три дуели од групната фаза. Против Босна и Херцеговина и Иран (постигна по еден гол), а против Нигерија (двапати погоди).
Стрелецот на победничкиот погодок на вчерашната средба со Швајцарија, Анхел ди Марија смета дека Меси со право ги доби наградите.
– Голот беше негов, а не мој. Само Меси може да ти создаде таква шанса. Тој е најдобар на светот, потенцира Ди Марија.
Аргентина во четвртфиналето в сабота ќе игра со Белгија. Останува да се види дали Меси петти пат во низа ќе биде МВП.