Репрезентацијата на Белгија се пласира во четвртфиналето на Светското фудбалско првенство откако по продолженија доцна синоќа ги совлада САД со 2:1.
Најзаслужен за победата на Белгијците беше Ромелу Лукаку кој асистираше во 93.минута при постигнување на првиот гол од страна на Кевин Де Брујне и се запиша во листата на стрелците во 105.минута за водство од 2:0. Американците преку Џулијан Грин во 107.минута намалија на 2:1.
Белгија беше подобар противник и создаде повеќе шанси за гол, а „виновник“ што четвртфиналистот не беше решен уште во основните 90 минути беше голманот на САД Тим Хауард кој одлично го чуваше својот гол.
Противник на Белгија во следната фаза ќе и биде Аргентина.
Со синоќешниот дуел комплетирани се четвртфиналните двојки:
Бразил – Колумбија,
Холандија – Костарика,
Франција – Германија и
Белгија – Аргентина.
Денеска и утре е слободен ден, а возбудувањата на Мундијалот во Бразил продолжуваат в петок.