Со писмо од притворот во Шутка, по девет месеци притвор се обрати Ване Цветанов, функционер на ВМРО-НП, обвинет за првата шпионска афера во земјава.
Во писмото до медиумите Цветанов апелира дека притворениците не добиваат соодветна здравствена заштита и дека таму ги третираат како робови.
-Без разлика што презумпцијата на невиност е загарантирана, а со тоа и сите човекови права во кои спаѓа и здрваствената заштита, во притворот таа е никаква благодарение на докторите. Многу поголема веројатноста е да се добие бинго со џек пот, отколку притвореник да добие упат за детален специјалистички преглед. Со месеци барам и молам испитување на црниот дроб и дигестивиниот систем и обична крвна анализа и до ден денес не ги добив, пишува Цветанов.
Според Цветанов, судијата и управата на затворот за да одобрат испитување, барале дозвола од лекарите во Шутка, а лекарот за да даде упат му била неопходна медицинската документација на притвореникот од перидот кога бил на слобода.
-Одовде се отвора прашањето што со судбината и здравјето на притворениците кои се притворени на година или две. Дали затворени по 23 часа на ден меѓу четири ѕида, во просторија во која јадеме, одиме по нужда во истата, и во истите спиеме не можеме да заболиме од ниту една болест додека сме притворени? Според теоријата на докторот-не. Од докторот побарав писмена гаранција за моето здравје, но тој одби да ја потпише и понатаму не дава упат. Третманот од страна на затворските чувари е човечки и коректен, сосема професионален. Но третманот од страна на докторите е многу, многу полош од третман кон робови, пишува Ване Цветанов.
Во март годинава канцеларијата на народниот правобранител отвори предмет за Ване Цветанов, кој најави дека ќе ги испитува условите во кои е притворен обвинетиот за шпионската афера.