Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги одреди арбитрите за првите два осминафинални натпревари на Мундијалот. Англичанецот Хауард Веб ќе ја дели правдата на првиот меч меѓу домаќинот Бразил и Чиле кој ќе се игра утре на стадионот „Минеирао„ во Бело Хоризонте со почеток од 18 часот.
Инаку, Хаурад Веб беше и арбитар на дуелот меѓу Бразил и Чиле пред четири години (28 јуни 2010) кога во осминафиналето на Светското првенство во Јужна Африка, на средбата одиграна на „Елис Парк„ стадионот во Јоханесбург, Кариоките славеа победа со 3-0 со головите на Хуан, Луис Фабиано и Робињо.
42-годишниот Веб тогаш го судеше и финалето меѓу Шпанија и Холандија, а на Мундијалот во Бразил досега ја делеше правдата само на натпреварот меѓу Колумбија и Брегот на Слоновата коска.
Втората осминафинална средба меѓу Колумбија и Уругвај, која ќе се игра на „Маракана„ во Рио Де Женеиро, а ќе започне од 22 часот, ќе ја води холандскиот судија Бјорн Кујперс.
Кујперс беше главен судија на финалето од Лигата на шампионите меѓу Реал МАдрид и Атлетико Мадрид, а на првенството во Бразил досега ги судеше натпреварите, Англија – Италија и Швајцарија – Франција.