Косово останува „квази држава“ и крајот на надгледуваната независност не нуди основа за признавање на тој регион како независна држава, соопшти руското министерство за надворешни работи.
„Бидејќи Меѓународната управувачка група (МУП) нема општ признат статус, ние поаѓаме од начелото дека Косово, независно од таа одлука, останува квази држава без потребниот меѓународен легитимитет“, изјави заменикот на портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа додаде дека „земјите кои ја признаа самопрогласената “Република Косово“ го основале таканаречениот МУП за да ја промовираат имплементацијата на планот на Ахтисари за решавање на косовското прашање.
Захарова потсети дека тој план не е прифатен во Советот за безбедност на ОН и рече дека Москва и понатаму инсистира дека трајното решение за Косово е можно само со преговори врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот на безбедност.
МУП која е составена од претставници на САД, Турција и 22 членки на Европската Унија кои ја признаа независноста на Косово вчера официјално прогласи престанок на надгледуваната независност на Косово.
Укинувањето на надгледуваната независност е причина за затворање на Меѓународната цивилна канцеларија на Косово, но и натаму останува цивилната мисија на ЕУ со околу 3.000 службеници и војската на КФОР со 5.600 војници.