Впечатливата и убедлива победа на француската фудбалска репрезентација над Швајцарија со 5:2, денеска е широко коментирана во сите француски медиуми, во вистински контраст со двете претходни светски и европски првенства, јави дописникот на МИА од Париз.
Истовремено љубовта на Французите кон фудбалот полека се враќа, за тоа сведочат бројките на гледаноста на телевизиските канали. Имено првиот француски телевизиски канал ТФ1, кој синоќа ја пренесуваше средбата Франција-Швајцарија, го следеле 16,8 милиони гледачи, а претходниот натпревар со Хондурас (3:0 за Франција) во еден момент го следеле и над 17 милиони гледачи пред телевиските екрани, што претставуа 61,6 отсто од гледаноста на сите телевизиски канали во Франција за синоќешниот натпревар, а за првиот 57 проценти.
ТФ1, која ги откупи правата за пренос на Светското првенство во Бразил за околу 130 милиони евра, може да биде задоволна. Таа дел од средбите, кои немаат интерес за француската публика ги препродаде на катарскиот спортски канал, задржувајќи ги најинтерсните. Односно секоја средба ја плати нешто повеќе од два милиони евра, но според цената на рекламите, секој натпревар од Мундијалот е рентабилен со нешто повеќе од пет минути реклами.