Репрезентацијата на Еквадор со пресврт стигна до првата победа на Светското првенство. Совладан беше тимот на Хондурас со 2:1. Водство за Хондурас донесе Карло Костли во 31.минута, но три минути подоцна Еквадор изедначи преку Енер Валенсија. Истиот фудбалер во 65.минута ги постави конечните 2:1 и триумф за Еквадор.
На вториот натпревар од Е групата, Франција убедливо со 5:2 ја победи Швајцарија и првпат по СП 1998 има две стартни победи. „Триколорите“ водеа со 5:0 со головите на: Оливие Жиру (17.минута), Блесе Матуиди (18), Метју Валбуена (40), Карим Бензема (67) и Муса Сисоко (73). Двата гола за Швајцарија ги постигнаа: Блерим Џемаили (81) и Гранит Џака (87).
На табелата води Франција со 6 бодови, пред Еквадор и Швајцарија кои имаат по 3, а Хондурас нема бод. За пласман во осминафиналето на Франција и е потребен еден бод во дуелот со Еквадор.
Денеска на Мундијалот се играат натпреварите: Аргентина – Иран (почеток 18 часот) и Нигерија – Босна и Херцеговина (24 часот) од групата Ф и Германија – Гана (21 часот) од групата Г.