По Џезаир Шаќири, денеска се огласи и лидерот на НДП, гостиварскиот градоначалник, Руфи Османи.
Албанците не ја оправдаа силната поддршка која им ја даде меѓународниот фактор во последните две децении, при што се трансформираа во нација кон која овој фактор станува индиферентен и негирачки, изјави Османи во интервју за веб порталот на албански јазик „Алмакос“.
Руфи Османи вели дека дефинирањето на Албанците како државотворен народ во Македонија би бил историски македонско-албански компромис. Од друга страна, тој ја изразува својата загриженост за албанската политичка класа во регионот, согласувајќи се со констатацијата дека Албанците потфрлија.
Тој тврди дека поради кризата со еврото, банкротот на Грција и претседателските избори во САД, влијанието на меѓународниот фактор во надминувањето на политичката криза во земјава ќе биде сосема мала.
„Доколку оваа влада продолжува со политиките на агресивен национализам, на Албанците привремено можат да им се загрозат националните права, но на долгорочен план на Македонците им се заканува губење на државноста засекогаш“, вели Османи.