Капитенот на фудбалската репрезентација на Камерун, Самуел Ето најави дека се мали шансите тој да игра на натпреварот против Хрватска во второто коло од Светското првенство во Бразил.
Најдобриот фудбалер на Камерун, на натпреварот против Мексико, во кој Камерунците загубија со 1:0, ја обновил повредата на коленото која го мачи веќе три месеци.
– Се надевам дека Господ ќе ми помогне и дека ќе направи чудо како би можел да играм за мојата земја. Во спротивно и натаму ќе ја имам улогата на капитен кој од клупата ќе ги бодри соиграчите, како би оствариле значајна победа’, изјавил Ето во интервју за националната камерунска телевизија.
Дуелот меѓу Камерун и Хрватска ќе се игра во вторник на полноќ, а императив за двете селекции е само победа, особено по поразите од Мексико и Бразил во првото коло.
Токму Бразил и Мексико со меѓусебниот натпревар кој ќе се игра вечерва од 21 часот ќе го означат почетокот на второто коло на Мундијалот.