Секое второ семејство во тетовскиот и гостиварскиот регион живее од земјоделство. Субвенциите што државата ги дава како поддршка – бавно стасуваат во овој дел од Македонија – оценува експертската јавност. Законските рокови за исплата на субвенциите за лани се ближат.
Според познавачите, по предизборното “истурање“ на пари за субвенции, тешко дека годинава државата ќе успее да ги исплати во целост и во законските рокови. Невладиониот сектор што го анализира аграрот упатува на низа слабости при делба на субвенциите, но и предлага нивна исплата кога најмногу е потребна на земјоделецот.
Во тетовско и гостиварско – слаба исплата на субвенции?
„Исплатата на финансиската помош да е во рамките на законот, а не во рамките на политичката партија. Да се почитува Законот за земјоделство и рурален развој, а не да се толкува според политички потреби и процени“, ова е само една од забелешките и во исто време, препорака во Истражувањето „Каде почнуваат и каде завршуваат субвенциите“ – спроведено од невладината „Рурална коалиција“.
Креаторите на истражувањето обелоденуваат серија на слабости. Политичка злоупотреба на субвенициите и нивната исплата надвор од законските рокови се дел од забелешките.
„Сите сме свесни дека има политичка злупотреба на парите, но во исто време многу важно е да се посочи дека не се почитуваат законските рокови за целосна ислата, односно подмирување на субвенциите до крајот на јуни. Според нашите истражувања , тоа не е случај, односно повеќе од 50% од субвенциите не се подмирени. Морам да укажам дека причината за ова не се земјоделците, односно не е по нивна вина. Еве, сега сме блиску и до законскиот рок за исплата на субвенците за лани, дел се исплатија пред избори, а сега треба да видиме како ќе се исплаќа преостанатиот дел. Една од клучните забелешки е токму рокот за исплата на субвениции. Тие им се потребни на земјоделците во екот на пример на сеидбата, а не потоа, отако ќе се задолжат за да ги посеат нивите“, вели за „Поратлб“, Нахил Елези, претседател на Руралната коалиција.
Според невладината, околу 27 милиони евра помалку биле исплатени за субвенции во земјоделската 2012-та година. Од таму велат дека има разлика во планираните суми за директна поддршка објавени во Службен весник и исплатите на субвенциите објавени на интeрнет страната на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Надлежните институции возвратија дека бојките не ја одразуваат реалноста бидејќи не бил опфатен целиот период.
„Пласираните информации за исплатените износи по одделни мерки од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2012 година, како што изјавува здружението „Рурална коалиција“, се базирани на нецелосни податоци од надгледување на веб страната на Агенцијата во определен период, без да обезбедат официјални податоци. Субвенциите се исплаќаат по завршување на пропишаните административни контроли и контроли на самото место на секој земјоделец кој има уредно поднесено барање и кај кој не се утврени неправилности со вршење на контролите“, регираат од АФПРЗ
„Точно е дека не е опфатен целиот период, но ние опериравме со сумите кои се последни што се објавени на официјалните интернет страни на надлежните институции, кои треба да ги ажурираат своите податоци“, вели Трајан Димовски од невладината организација.
Ако се анализира според исплата на субвенциите по региони, Елези посочува дека најпроблематичен е западниот дел од Македонија.
„Во западниот дел од Македонија, според информациите, со многу бавно темпо и динамика тече исплатата на субвенциите. Имам податок дека се подмирени само 20%, кои главно се исплатени во овчарството, додека кај краварството, производство и откуп на млеко, како и поддршка по грло, речИси целосно не се подмирени субвенциите, слабо се исплатени и кај растителното производство. Од друга страна ние сме сведоци дека на пример субвенциите за тутунот се подмирени и тука се отвора прашањето дали на ваков начин се финасира гласачка машинерија“, вели Елези и додава дека токму во западниот дел секое второ семејство живее од земјоделство.
„Цел западен регион, особено во тетовскиот и готиварски регион секое второ семејство се занимава со земјоделство. А токму во овој дел од Македонија исплатата се спроведува бавно. Кај тутунопроизводство ние имаме специфична состојба. Од една страна овие субвенции редовно и целосно се исплаќаат, од друга страна, да не речам имаме преполовен откуп на тутунот, односно се субвенционира култура која производствено се намалува. Непходно е да има план, стратегија за тоа кои култури и како треба да се стимулираат. Се отвора прашањето на пример како еден тутунопроизводител кој со години се занимавал со оваа култура, поради намаленото производство, ќе се ориентира можеби кон некоја друга гранка“, оценува Елези.
Во сегашниот концепт на делба на субвенциите, невладините ги посочуваат повеќе слабости:
„Владата треба да покаже сериозен пристап кон донесувањето на годишната програма за финансиска поддршка во земјоделството. Во 2012 година програмата за финансиска поддршка во земјоделството беше донесена во февруари, а до крајот на годината беше уште 7 пати изменета. Сето ова дава знак на несериозен пристап, злоупотреба на субвенциите за партиски потреби и простор за манипулација со земјоделците“, се посочува во Истражувањето.
Иако се утврдени злоупотреби на субвенциите, нема увид кои се тие лица и колкава е злоупотребата, па така од “Руралната коалиција“ порачуваат:
„Во одредени периоди, актуелни за јавноста се лицата кои ги имаат злоупотребено субвенциите, но има уште повеќе кај кои при посетата на инспекторите од Агенцијата за финансиска поддршка се констатира злоупотреба на финансиската помош и од тие лица ќе се побара да ги вратат назад парите добиени од субвенции. Лицата кои направиле злоупотреба на финансиската помош и кои треба да вратат пари, во Агенцијата за финансиска помош се водат на црна листа. Преку мониторингот на веб-страницата нема јасен увид кои и колку се тие лица и од која мерка или подмерка е направена злоупотребата и колку пари треба да вратат, при што овие пари треба да се минусираат од вкупната исплата за да на крај ја добиеме точната сума на исплатени субвенции“, стои во анализата.
Во Македонија има околу 100 илјади рурални домаќинства кои се користат финансиска подршка по основ на субвенции, и токму затоа, според експертите, Програмата за финансиска подршка на земјоделството не смее да биде ниту популистички ниту партиски обоена. Во исто време останува препораката дека субвенциите, кои сега се во функција на купување на социјален мир, ќе мора да ја добијат својата вистинска, развојна функција.
Истражување на Порталб