Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, ја објави филмската програма за деновите 14. и 15. јуни
14 јуни, 20 часот, Куршумли-ан
Свечено отворање на петтото издание на фестивалот „Македокс“.
14 јуни, 21 часот, Куршумли-ан
„Револт“ (re:volt #1) – Стефан Сидовски, Македонија
„ре:волт“ е омаж и посвета на „Револт“, аматерски филм кој Стефан Сидовски го снимил во 1977 година во Скопје, Македонија. Замислен е токму како омаж и посвета за да се трансформира во точка на повторливост: повторна продукција, повторно вложување, повторно оживување, повторно испитување; како омаж и посвета за да се креира платформа која ќе овозможи и понатаму центрифугално да се шири неговата енергија, неговата свежина и страст. „Револт“ е аматерски филм, направен единствено од љубов. А „ре:волт“ сака тоа да остане така – зашто смета дека љубовта со која нешто се прави е поблагородна од какво било признание или стручност. Ова е омаж за моќниот чин на правење нешта од љубов.
Проекцијата на „Револт“ ќе биде придружена со музичка изведба на Мухамед Ибрахими.
14 јуни, 21 часот, Куршумли-ан
„Откачи!“ (Freak out!) – Карл Јавеер (Carl Javér), Шведска, Германија, Данска, Норвешка
Долгокоси, босоноги и разголени луѓе, слободна љубов, дроги… шеесеттите, така? Па, не баш. Во 1900 година, група радикални луѓе купуваат парче земја на врвот на една планина во Швајцарија и решаваат да го сменат светот. Така се раѓа заедницата „Монте Верита“ (Планината на вистината). Но постојниот светски поредок не е подготвен за долги бради, спалување корсети и вегетаријанство. Заедницата станува сврталиште за некои од најголемите умови на минатиот век. Меѓу редовните посетители се Фројд, Јунг, па дури и Ленин. Ова прекрасно анимирано филмско патешествие преку интервјуа и архивски снимки ни ја раскажува малку познатата приказна за почетоците на алтернативното движење и нè соочува со неверојатните сличности меѓу нашето време и времето тогаш.
14 јуни, 23 часот, Куршумли-ан
„Песна од шумата“ (Song from the forest) – Мајкл Оберт, Германија
Како млад, Луис Сарно, роден Американец, слушнал песна која никогаш не му излегла од глава. Ги следел мистериозните звуци сè до дождовната шума во Централна Африка, каде што ги пронашол меѓу пигмејците од племето Бајака. И таму и останал. Денес, 25 години подоцна, тој е рамноправен член на племето составено од ловци и собирачи на храна. Тој има син со тамошна жена, 13-годишниот Самди. Кога бил бебе, Самди многу се разболел. Луис бдеел над него цела ноќ и му ветил дека ако преживее, ќе го однесе да го види светот од каде што дошол. Сега доаѓа време да се одржи даденото ветување. Луис и Самди патуваат од африканската дождовна шума во една поинаква џунгла од цемент, стакло и асфалт – Њујорк. Филмот е вешто направен портрет на односот меѓу таткото и синот помеѓу огромните шумски дрвја и облакодерите.
15 јуни, 10.30 часот, Утринско доку-кафе, Младински културен центар
Разговор за творештвото на Карпо Година ќе се одржи со Матјаж Иванишин, автор на филмот „Карпо патник“.
15 јуни, 12 часот, Младински културен центар
Кратки филмови од Карпо Година
15 јуни, 19 часот, Младински културен центар
Студентски документарни филмови (Македонија)
15 јуни, 21 часот, Куршумли-ан
„Здрави луѓе за разонода“ (Litany of Happy People) – Карпо Година, Словенија
Најпознат и, веројатно, најозлогласен краток филм на Карпо Година. „Здрави луѓе за разонода“ (1971 год.) освоил две награди на признатиот Фестивал на краток филм во Оберхаузен, Германија, додека дома (СФРЈ), цензорите очајно се обидувале да го одгатнат загадочниот контекст на „Разонодата“, па на крајот решиле сосема да го забранат поради сомневањата дека содржи „одредени“ несоодветни скриени пораки.
15 јуни, 21 часот, Куршумли-ан
„Карпо патник“ (Karpotrotter) – Матјаж Иванишин, Словенија
Околу 1970 година, во екот на југословенскиот „Црн бран“, младиот режисер Карпо Година тргнува со камерата на пат низ рамната Војводина, од едно село во друго. И така се случува необичниот „Имам куќа“, филмско шаренило од лица, јазици, обичаи. Четириесет години подоцна, од „куќата“ се останати само фрагменти. Така, еден друг млад режисер тргнува по стапките на младиот Карпо. Но Карпо одбива да се појави во филмскиот портрет за него. Па така, ова е филм за Карпо без Карпо. Вистински омаж за еден неверојатен режисер.
15 јуни, 23 часот, Куршумли-ан
„Приказните што ги раскажуваме“ (Stories We Tell) – Сара Поли, Канада
Вистината зависи од оној што ја кажува. Токму за тоа зборува филмот во кој режисерката ги истражува тајните во своето семејство. Разиграно распрашувајќи ги своите блиски и помалку блиски роднини, таа наидува на освежувачко искрени, но главно контрадикторни одговори за истите прашања. И како што секој од нив си ја кажува својата верзија на семејната митологија, така филмот укажува на несфатливата природа на вистината и сеќавањето во семејните односи, кои се најчесто сложени, испобркани, но топли и полни љубов.
Целата филмска програма на „Македокс“ можете да ја најдете тука.