Селекторот на холандската фудбалска репрезентација Луис ван Гал изјави дека е шокиран во позитивна смила од играта и победата на неговиот тим на средбата со Шпанија (5:1).
– Верував дека моите избраници можат да се надигруваат со еден од главните фаворити за титулата, ама дека ќе постигнат пет погодока и дека ќе слават така убедливо не ми паѓаше на памет. Сега самодовербата ни е на повисоко ниво, атмосферата е одлична и сите сме среќни по една ваква победа, истакна Ван Гал.
Холандскиот селектор побара од играчите да продолжат во ист ритам, да не го менуваат пристапот кон играта и да не ги потценуваат другите два противника во групата.
– Никако не смееме да се опуштиме пред дуелот в среда со Австралија, ниту на натпреварот со Чиле од последното коло. Ништо не е готово и на секој дуел одиме максимално сериозно. Секое остапување од договореното може да биде кобно и да го напарави залуден успехот со Шпанија, заврши селекторот на „лалињата“.