По 10 години, Македонија повторно се врати назад во групата на земји со таканаречени „хибридни режими“ односно „земји во транзиција“ во кои владее лажната демократија, како резултат на влошувањето на состојбата со независните медиуми, стои во најновиот извештај „Нациите на транзицијата 2014“ на Фридом Хаус.
Според скалата на оценување на Фридом Хаус, која се движи од 1 до 7, каде 1 претставува најразвиена демократија, а 7 авторитарен режим, Македонија има добиено оценка 4.
Оценката за состојбата во медиумите е 5, а за корупцијата 4,25.
Во однос на состојбата на медиумите, Фридом Хаус оцекува дека медиумите во Македонија се повеќе се зависни од рекламите на владата како финансиска поддршка, придонесувајќи за нивната растечка политизација и губење на кредибилитетот и читателите. Како посебни случаи се издвојуваат затворската казна од 4 и пол години затвор за истражувачкиот новинар Томислав Кежаровски, но и критикуваниот Закон за медиуми за кој се вели дека бил донесен преку брз и нетранспарентен процес.
Најновиот извештај прави ретроспектива на настаните од крајот на декември 2012 -та година, кога новинарите и пратениците на опозицијата беа исфрлени од Собранието па се до крајот 2013 – та година, кој е означен како период на политичка криза.
„На крајот на 2012 година, владејачка коалиција во Македонија отиде во крајност за да го одобри националниот буџет 2013 година, насилно исфрлајќи новинари и членови на најголемата опозициска партија од Парламентот за време на гласањето. “Црниот понеделник”, како датум кој ги означува овие настани, влошува веќе тешко односот помеѓу владејачката партија и опозицискиот СДСМ. што резултира во политичка криза“, стои во извештајот.
Земјите кои се наоѓаат во друштво со Македонија се Албанија, Молдавија, Украина, Грузија и Босна и Херцеговина.
Петар Клинчарски