Неколкумина европски фудбалски функционери побараа од претседателот на ФИФА, Сеп Блатер да се повлече од функцијата, идната година, кога истекува неговиот сегашен мандат.
На состанокот на фудбалските функционери од европските земји-членки на ФИФА, одржан во Бразил, тие побараа од Блатер (78) да не се кандидира за уште еден, пети по ред мандат, во 2015 година, поради сегашната криза на светската фудбалска организација предизвикана од силните сомнежи за корупција.
Европските функционери сметаат дека сомневањата, изразени околу одлуката Катар да биде домаќин на Светското првенство во 2022 година, му нанеле тежок удар на угледот на ФИФА, па дека затоа нејзиниот сегашен претседател треба да понесе одговорност.
Претседателот на холандскиот фудбалски сојуз Михаел ван Праг побара од Блатер да не се кандидира уште еднаш за претседателската функција, обвинувајќи го дека сноси „главна одговорност“ за сите сомнежи околу постоењето на корупција во организацијата.
– Блатер не е повеќе човек за првата функција во ФИФА, рече Ван Праг.
Одговорност за Блатер побара и претседателот на англиската Фудбалска асоцијација (ФА), Грег Дајк. – Сите сомнежи сега треба темелно да се испитаат и на сите наоди соодветно да се реагира, рече Дајк, осудувајќи ја реакцијата на Блатер на сите јавно изразени сомнежи.
– Многу од нас се длабоко вознемирени од реакцијата на сите овие случувања, затоа што таа е целосно неприфатлива, му рече Дајк на претседателот на ФИФА, инсистирајќи дека „не станува збор за расизам, туку за корупција.
Барањето на европските функционери за повлекување на Блатер, доаѓа само 24 часа по неговата изјава дека „критиките и сомнежите околу доделувањето на организацијата на СП во 2022 година на Катар се расистички мотивирани“.
Повлекување на Блатер побара и потпретседателот на УЕФА, Дејвид Џил, поранешен извршен директор на „Манчестер Јунајтед“.