Во Либија владее хаос од симнувањето на Муамер Гадафи. Силите за безбедност се уште не се целосно организирани, а целата земја стана бојно поле за радикалните вооружени групи. Новинарот од Ал Џезира Омар ал-Салех од Триполо донесува вести за напорите да се зајакнат вооружените сили и да се врати стабилноста во земјата.
Дел од мажите сакаат да бидат војници во либиската војска. Поминуваат основна обука, која трае четири месеци и вклучува разни вежби и предавања.
Мухамед Салем ал Хадад, командант во центарот за обука, рече: – Сакаме да ги подготвиме поранешните борци. Организираме многу часови и предавања за тактика за да бидат што поефикасни. Сакаме да изградиме сили кои ќе ја бранат Либија.
Инструкторите се фокусирани на дисциплината. Многу регрути се бореле против режимот на полковникот Гадафи.
– Либиската војска интегрираше илјадници поранешни бунтовници како овие ширум земјата. Меѓутоа, Либија се уште нема професионална, соодветно опремена војска, војска која е во можност да ги надмине племенските и регионалните поделби – вели Ал-Салех. Владата вели дека плановите за изградба на модерна војска одат според планот и дека нејзините капацитети секој ден се се поголеми.
Прекуокеанска обука
Илјадници војници веќе се испратени во европските и арапските земји, на програми за обука, а се планира испраќање и на нови.
Во командата на американската војска за подрачјето на Африка се загрижени поради влошувањето на безбедносната состојба во Либија. Велат дека имаат тим кој помага при обуката на регрутите.
Полковникот Салех Раџеб е главен инструктор во техничкото воено училиште. Смета дека најголем предизвик не е недостигот на оружје или опрема.
Раџеб изјавил: Важно е војниците да ја усвојат новата воена доктрина, која нема да има никакви врски со политичките поларизации. Војникот треба да биде лојален на државата, народот и на уставот. Опремата може да дојде подоцна, но да се развие култура кај војниците бара многу труд.
Либиската војска со децении не се менувала, а нејзиниот арсенал е уништен. Многу офицери го обвинуваат поранешниот режим за занемарувањето на војската. Некои аналитичари сметаат дека на Либија и недостига политичка волја да изгради силна војска.
– Има успеси на полето на изградба на воените сили, но и пречки и недостатоци. Присутно е чувството дека некои политичари и моќните вооружени групи ги загрозуваат напорите поврзани за основање на силна либиска војска – оцени Камал Ахмед од државниот Центар за стратешки студии.
Пред Либија се уште стојат многу предизвици, но воспоставување на безбедност и силна власт се главни приоритети.
Ал Џезира – Доха