Антички воин и Марија Антоанета беа дел од креациите на ученици прикажани вчера во Младинскиот Културен Центар во Скопје, на четвртиот по ред „Trash Fashion Macedonia“.
Целта на овој настан е подигнување на општествената свест за зачувување на природата и намалување на отпадот преку негова реупотреба.
На настанот се натпреваруваа 45 средни училишта со модни креации изработени со редизајнирани материјали од отпад кои на писта направена од стари водоводни цевки и пропратени со роботизирани аудио-визуелни ефекти се претставија со својот комплетен настап.
Членовите на жирито: Франк Видеркер, регионален советник во Амбасадата на Швајцарија, Александра Младеновска-Костиќ, директор на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем”, Росица Мршиќ – моден креатор, Тони Зен и Цаци Паковска доделија четири награди:
Наградата за најдобар моден додаток за ланче изработено од стари цд-а ја доби училиштето „Димитрија Чуповски“ од Велес.
Третото место го доби моделот „Касилеи“ од училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, за креација изработена од фискални сметки и корсет од кибрити. Второто место го доби училиштето „Никола Карев“ од Скопје за моделот „Марија Антоанета“ изработен од картони и кутии за јајца. Првото место го освои моделот „Not another princess” од училиштето „Јосип Броз Тито“ од Скопје, изработен од искористени ленти од апчиња и стари крпи.
Оваа година тимовите за изработка на своите модели, собраа преку 1000 килограми различни видови отпад, односно, реупотребени се околу 2500 капачиња, 500 најлонски кеси, 30 килограми стара хартија, стар електронски отпад и др.
„Trash Fashion Macedonia 2014“ е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука.
А.Б.