Специјалниот истражител на ФИФА, њујоршкиот адвокат Мајкл Гарсија, денеска почна истрагата околу сомнежите дека одлуката Катар да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во 2022 година, била „купена со пари“.
Истрагата е покрената откако лондонски „Сандеј Тајмс“ вчера обелодени низа документи за извршени уплати, како и писма и електронска пошта од кои се гледа дека порашениот висок функционер на ФИФА, Катарецот Мохамед Бин Хамам, уплатил повеќе од три милиони фунти на сметки на фудбалски функционери и организации во 30 африкаски земји, како и на Федерацијата на Тринидад и Тобаго, наменети за поранешниот потпретседател на Светската фудбалска федерација од оваа земја, Џек Ворнер.
Гарсија, кој еднаш веќе ги испитуваше изразените сомнежи за корупција во ФИФА околу определувањето на домаќините на следните две светски првенства – Русија во 2018 и Катар во 2022 година, денеска во Оман се среќава со високи функционери на Организацискиот комитет на Превенството во Катар.
Откритијата на „Сандеј Тајмс“ за давањето пари и подароци за членови на Извршнот комитет на ФИФА за да гласаат за кандидатурата на Катар, предизвика гневна реакција во британската фудбалска јавност и барања за одземање на организацијата и за повторено гласање за избор на нов домаќин на Мундијалот.
Катар и Организацискиот комитет категорично ги отфрлаат сомнежите за поткуп, тврдејќи дека Бин Хамам не бил дел од екипата која работеше на кандидатурата на оваа мала земја во Персискиот Залив, затоа што дејствувал како „одделен поединец“.
Катарските власти тврдат дека парите за кои пишува лондонскиот весник, не се никаква корупција, туку се „стандардни грантови“ за помагање на разни комунални проекти во земјите каде се доделени.
Сомнежите околу Катар се појавија веднаш по одлуката на ФИФА во декември 2010 година, оваа земја богата со нафта, но без фудбалска култура и со големи горештини во летните месеци, да ги угости фудбалските репрезентации од целиот свет.
Работите се усложнија кога се утврди дека Катар нема ниту еден стадион, а многу земји изразија загриженост како ќе се игра фудбал на над 40 степени Целзиусови и кој воопшто ќе седи на стадионите за да гледа еден натпревар во такви услови.
ФИФА подоцна предложи, првенството првпат да се префрли во зимските месеци, кога температурите во Катар се како во пролет и лето во Европа, но англиската Фудбалска асоцијација (ФА) и уште некои други, се спротивставија на тоа, инсистирајќи дека тоа би било во екот на првенствените фудбалски сезони.
Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер, минатиот месец призна дека одлуката за Катар била грешка. Претседателот на ФА, Грег Дајк бара ново гласање за домаќин на првенството во 2022 година, а потпретседателот на ФИФА, Џим Бејс се согласува со таквото барање, доколку истрагата на адвокатот Гарсија обезбеди „конкретни докази“ за корупција.