Граѓанското движење „РАЗБУДИ СЕ!“ изразува загриженост околу последниот развој во судскиот процес за случајот „Монструм“.
„Случајот кој што кулминираше со завршниот збор на јавниот обвинител Гешковска полн со предрасуди и без докази. Обвинителот кој што му служи на народот и се плаќа со народни средства, не треба да си дозволи да врши поделби и да бара максимални казни ако своето барање не го заснова на факти и докази. Сите заедно остро го осудивме убиството на 5 недолжни луѓе покрај Смилковското езеро и целосно ја подржуваме правдата за жртвите и нивните семејства. Но, овој судски процес уште од почетокот е следен со неправилности и неодмерени изјави на политички претставници, додека семејствата и сите ние сакаме правда барајки да се седнат пред судот вистинските виновници. Никој не е виновен додека не се докаже неговата вина. Вината ја докажува обвинителството со докази а не со празни зборови и фрази кои личат на ставовите на претставниците на полицијата по апсењето на осомничените“ – велат оттаму.
„РАЗБУДИ СЕ!“ бара од меѓународната заедница, особено од ОБСЕ, одблиску да го надгледува крајот на судскиот процес и јасно да го изрази својот став за ова судење пред јавноста.
„Го повикуваме Советот на обвинители да покрене иницијатива за оценка на работата на обвинителката Гешковска во случајот Монструм и да ја разреши од должноста доколку се констатира нејзина одговорност“ – велат од здружението.