Градоначалникот на Струмица Зоран Заев до семејството и до народниот театар „Антон Панов“ по повод смртта на актерката, Зора Георгиева упати писмо со сочувство кое беше прочитано на комеморативната седница што се одржа денеска во Струмица.
„Секој ден има своја ЗОРА. Секоја ЗОРА го носи во своите пазуви изгрејсонцето. Но таму каде што има изгрејсонце, таму има и зајдисонце. Во тој безконечен круг останува енигмата, дали постојат повеќе зори, или е тоа една единствена ЗОРА која постојано ги менува своите ликови. Едно е повеќе од сигурно, таа ЗОРА никогаш не умира. Ако симболиката ја повикаме на помош и ако ги земеме во предвид сите епизоди од една исклучително богата биографија, тогаш можеме да констатираме дека навистина постои една ЗОРА која никогаш нема да умре. Токму затоа, сцената на која доминира тагата, треба да биде заменета со сцена на гордоста“ – напиша Заев.
Тој додаде дека во миговите на разделба со ведетата на струмичкото и македонското глумиште Зора Георгиева, совршено е јасно дека луѓето и уметниците од нејзин калибар, ја заслужиле својата бесмртност со тоа што избориле место во срцата, душите и меморијата на почитувачите на вистинските вредности.
„Таа го стори тоа на најдобар можен начин. Бројните незаборавни улоги, бројните награди и признанија и брилијантната сценска игра на нашата ЗОРА, ќе останат длабоко врежани во колективното паметење на сите вљубеници во театарската уметност. Кога таа се смееше на штиците што живот значат, се смеевме од срце и ние. Кога таа плачеше на сцената, морници ни лазеа по телото. Нејзиното актерско мајсторство стана единица мерка за глума, единица мерка со која сите сегашни и идни генерации актери, треба да го мерат секој свој актерски чекор на театарската сцена. Со споменот на ЗОРА треба да зазорува секое струмичко театарско утро, по кое денот ќе се познава, ако сакаме тој ден да ни биде убав. Струмица и ден денес го нарекуваме „ѕвезден град”, можеби затоа што овој град има ѕвезди и на небото и на земјата. Испраќајќи уште една земска ѕвезда на небото, стануваме уверени дека струмичкото театарско соѕвездие ја доби ѕвездата која недостасуваше. Думов, Гогов, Пиперевска и Здравевски, сега заедно со ЗОРА Георгиева ќе можат како петтосоѕвездие да го прослават јубилејот на струмичкиот театар Антон Панов – 65 години од постоењето и во тоа име од радост да заблескаат уште повеќе на нашето струмичко небо. По повод смртта на Зора Георгиева, изразувам најдлабоко сочувство до членовите на семејството Георгиеви и до колективот на Струмичкиот театар. Бидете горди што бевте дел од неа. Бидете горди што таа беше дел од Вас. Тетка Зоре ти благодарам за сè…“ – напиша Заев.