Во организација на планинарскиот клуб „Љуботен” од Тетово, викендов ќе се одржи 33-то традиционално искачување на највисокиот врв на Шар Планина „Титов Врв 2014“.
На оваа планинарска манифестација, ќе учествуваат планинари и планинарските друштва и федерации од Македонија и цела Европа.
Организаторите патеката се до врвот, комплетно ја обележаа, ги обезбедија деловите на кои има снег и со тоа, таа е подготвена за искачувањето на планинарите.
Количините на снег се исти како и минатите години, а според метеролозите во недела се очекуваат поволни временски услови.
Манифестацијата се организира под покровителство на АД Електрани на Македонија, а генерален спонзор е ТТК Банка АД Скопје.
Планинарските друштва денеска ќе пристигнат на Попова Шапка, а утре наутро, долгата планинарска колона ќе се упати кон Титов Врв.
Пешачењето до највисокиот врв на Шара ќе трае околу четири и пол часа. По кратката пауза, планинарите ќе се вратат кон Попова Шапка, со што манифестацијата официјално ќе биде затворена.
Оваа година се очекува Титов Врв, кој е висок 2.747 метри, да го искачат над илјада планинари.