Европската комисија денеска ги усвои „договорите за партнерство” со Грција и Полска, со што е поставена стратегијата за оптимално користење на европските структурни и инвестициски фондови во регионите на земјите и градовите на члените на Европската унија за периодот од 2014 до 2020 година, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според еврокомесарот за регионална политика Јоханес Хан, овие договори го отвораат патот кон економски раст и конкурентност за двете земји и дека инвестициите на ЕУ ќе се справат со невработеноста, ќе создадат трајни работни места преку поддршка на иновации, ниска употреба на јаглерод и обука и едукација.
– Овие инвестиции ќе го промовираат претприемништвото, борбата против социјалната исклученост и ќе донесат важен придонес за еколошките и ресурсите за ефикасна економија – истакна комесарот Хан.
Договорот за партнерство со Грција е темел за трансформација на земјата во продуктивната економија со сума од 15,52 милијарди евра во вкупни финансиски средства од кохезиските фондови, како и 4,2 милијарди евра за рурален развој. Овие стратешки инвестиции во ЕУ се очекува да ги зголемат напорите на Грција за излез од кризата преку таргетирање каде може да се создадат повеќе работни места, што според Комисијата може да бидат креирани со максимален ефект од фондовите.
Распределба на пари за Полска е најголема меѓу 28-те земјите од ЕУ, со 77,6 милијарди евра во вкупните финансиски средства од кохезиските фондови во периодот 2014-2020 година и 8,6 милијарди евра за рурален развој, кои ќе бидат инвестирани во реалната економија на земјата. За Германија, пак, од кохезијата ќе бидат издвоени “само” 19,2 милијарди евра, со оглед на тоа што е голема земја со успешна економија, а целта на кохезиските фондови е да се намали разликата меѓу “големите и малите” земји и економии во Европската унија.
Инаку, од неформалната Влада на Унијата, информираа дека преку оваа поддршка на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност, инвестиции во ЕУ, исто така, ќе се посветат на обезбедување на енергетска безбедност и ќе помогнат на земјите да ги исполнат целите за климатски промени. А, овие договори за партнерство меѓу официјален Брисел со Грција, Полска и Германија, се втори за Еврокомисијата, откако првиот таков договор пред неколку дена беше постигнат со Данска. Според комесарот Хан, до крајот на мандатот на сегашниот состав на Колеџот на комесари (31 октомври), се очекува вакви договори да бидат потпишани со сите земји-членки на ЕУ.