Меѓународниот монетарен фонд очекува растот на македонската економија да зајакне и смета дека предвидниот раст од 3,5 проценти е остварлив. Растот на бројот на вработени и зголемените плати во јавниот сектор и пензии ќе ја поддржат потрошувачката, додека инвестициите ќе се поттикнат со крупните инфраструктурни проекти во јавниот сектор.
Ова го истакна шефот на Мисијата на ММФ Ивана Владкова Холар по двонеделните разговори со претставници на Владата, Народната банка и приватниот сектор во Македонија.
Посочи дека странските директни инвестиции, изградбата на автопатиштата и реализацијата на крупни инфраструктурни проекти се очекува да влијаат на зголемување на растот на БДП.
– Градењето инфраструктура и индустриски капацитети се навистина важна движечка сила за порастот, не само на краток рок, од циклична гледна точка, туку се работи кои ги поттикнуваат капацитетите во економијата да произведуваат на долг рок, истакна Холар.
Потенцира дека постојат потенцијални надворешни ризици и порача дека фискалната политика треба да се фокусира на исполнување на таргетот на проектираниот дефицит од 3,5 проценти од БДП.
– Приватната потрошувачка сега е зајакната што придонесува за постепено повлекување на фискалниот стимулс. Задржувањето на фискалниот дефицит на централната власт ќе биде важно за да се задржи одржливоста на долгот, изјави Холар на заедничката прес-кофнеренција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
Таа додаде дека предвиденото намалување на дефицитот на 2,6 проценти во 2016 година е соодветно, но оти треба да се утврдат мерки за негово исполнување. Меѓу нив наведе мерки за одржување на тековните расходи, натамошно засновање на годишните буџети на прудентни макроекономски претпоставки, како и јасни постапки за проценка, утврдување приоритети и следење на проектите за јавни инвестиции кои ќе овозможат повисока реализација на прироритетните капитални расходи и дологорочни економски придобивки.
Смета дека среднорочната фискална стратегија треба да биде придружена со стратегија за управување со долгот.
– Особено стратегијата за управување со долг треба, како и во минатото, да биде насочена кон балансирање на трошоците и ризикот поврзан со избраната структура на долг, но исто така и да обезбеди конзистеност со монетарната и фискалната политика, рече Холар.
Отворено прашање останува несоодветната распределба на работните квалификации и вештини на пазарот на труд и смета дека постојните политики за пазарот на труд се насочени кон негово решавање.
– Јасно е дека трендот на невработеноста е многу позитивен, особено имајќи го предвид високото ниво на невработеност. Така што сметам дека странските компании се од значење за нејзиното намалување и тоа директно преку големите трудоинтензивни компании кои се наоѓаат тука, како и индиректно преку соработка помеѓу странските и домашните компании. Постои простор за домашните компании да бидат добавувачи на некои од овие компании и целокупната придружна индустрија за услуги, како што се транспорт, логистика и складирање, рече Холар.
За финансискиот сектор истакна дека е стабилен, но оти не е препорачливо натамошно релаксирање на монетарната политика, особено имајќи предвид дека кредитниот пораст се забрзува, а резервите се намалуваат.
Доколку се појават притисоци врз резервите, порача, НБРМ да ја зголеми каматната стапка. Според неа, пазарот на труд останува отворено прашање и намалување на невработеноста треба да се врши преку поттикнување на соработката меѓу странските и домашните компании, како и да се применат нови вештини и технологии.
Вицепремиерот Ставрески оцени дека ставовите на Владата и ММФ се слични.
– Македонската економија има добар тренд на пораст. Минатата 2013 ја завршивме со 3,1 процент, а за годинва очекувањата се дека тој ќе стигне до 3,5 проценти, што е подобро од првично проектираното со Буџетот од 3,2 проценти. Порастот ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти, а зголемувањето на платите во јавната администрација и пензиите ќе ја ќе ја стабиизираат личната потрошувачка и тоа ќе биде основа за поизбалансиран раст во текот на оваа и следните години, истакна вицепремиерот.
Според него, фискалната полтитика е добро поставена и Владата останува на позицијата за одржување на фискалниот дефицит во умерени рамки.
– Проектираниот дефицит е 3,5 проценти и ние сме подготвени со политиките и со реализацијата на буџетот во 2014 година да го одбраниме. За следните години стратегијата предвидува постепена фискална консолидација, која ќе биде соодветна на нивото на заживување на растот на економијата и на приватниот сектор и инвестициите од приватниот сектор, истакна Ставрески.
Тој додаде дека буџетскиот дефицит ќе се финансира со комбинација на домашно и надворешно задолжување. – Ова е политика што ќе се следи при то ќе ги имаме предвид движењата на пазарот на капитал кои во моментов се поволни и доколку продолжат да бидат поволни во следниот период соодветно на доспевањето на нашите обврски и потребите на буџетот за следната година ќе ги финансира сопствените обврски пеку комбинација на екстерно и домашно издавање хартии од вредност, рече Ставрески.
Посочи дека во наредниот период се очекуваат зголемување на странските директни инвестиции и оти во следните шест до 12 месеци според најавите ќе има најмалку 10-тина нови странски инвестиции кои ќе отворат нови работни места и ќе придонесат за натамошна диверзификација на извозот и зголемување на извозот и на БДП.
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов истакна дека монетарната политика ќе продолжи да се фокусира на стабилноста на девизниот курс на денарот и оти заедно со фискалната политика ќе биде фокусирана да ја одржи македонската економија во рамнотежа.
– Нашите оценки во наредниот период се дека овој стабилен амбиент продолжува. Девизните резерви последните 30 дена веќе имаат тренд на пораст, така што очекуваме да продолжи и во наредниот период, бидејќи доаѓа еден период од сезонски аспект кои ги зголемуваат девизните резерви, нашето видување дека оној пад на девизните резери кој беше очекуван во првиот квартал од годината е зад нас и сега имаме поголем тренд, истакна Богов.
Тој додаде дека монетарната политика ќе биде сега внимателно насочена кон одржување на рамнотежата, која пред се, е гледана преку движењата на девизните резерви и движењата на девизниот пазар.
Мисијата на ММФ престојуваше во Македонија од 6 мај.