Во процесот на пристапување кон ЕУ, поглавјето животна средина е едно од најкомплексните и најскапите поглавја. Вкупните средства кои се потребни за Македонија изнесуваат околу 2 милијарди евра. Како најскапи области кои директно го засегаат јавниот сектор се областите на управување со водите и отпадот, но не треба да се занемарат и другите сектори.
Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на работилницата на која беше презентиран Предлог – повеќегодишната програма за инструментот за предпристапна помош (ИПА) за секторот животна средина, програмски период 2014-2020 година.
Тој ги изнесе досегашните резултати постигнати во подготовката на документацијата, која ќе биде искористена за директни инвестиции во управувањето со води и отпад. Во фаза на подготовка е, рече, изработката на техничката документација за проширување и изградба на канализациска мрежа и изградба на пречистителни станици за Прилеп, Радовиш, Битола, Кавадраци, Тетово, Гостивар, Берово, Дебар, Струмица, Куманово и Кичево, а во фаза на планирање се и изработката на техничката документација за Штип и Велес.
– Секако, еден дел од помошта ќе биде насочена кон спроведување проекти за зајакнување на капацитетите на централната и локалната администрација. Третиот дел од помошта планираме де ја насочиме кон доделување грантови за спроведување пилот мерки за одржлив развој во заштитата на природата и зголемување на енергетската ефикасност и намалување на климатските промени, истакна Адеми.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски во своето обраќање ја истакна важноста на ИПА фондовите посебно за градот Скопје за кој, како што кажа, најприоритетна е пречистителната станица, но преходно да се заврши колекторскиот систем.
– Ние сме во комуникација со Министерството и како приоритетен проект ни е десниот колектор во Аеродром,кој ќе чини околу 10 милиони евра. Тој ни е многу важен бидејќи Владата прави еден колекторски систем од Сончев град преку Кисела Вода до Аеодром и нема каде да продолжи. Затоа до 2020 година и не е долг период во кој треба добро да се подготвиме, истакна Трајановски.
Градоначалникот ги нагласи проектирте кои веќе се реализираат преку ИПА како што е канализационата мрежа и неколку колекторски системи кои се од големо значење за Скопје.
На работилницата беше презентирана програмата на МЖСПП за реализација од ИПА средствата во новиот планирачки период од 2014 до 2020 година каде присутните имаа можност да коментираат и дават сугестии за нејзино подобрување.