Големите светски чуда се сплет од неверојатни структури и природни „креации“, од формирање оџаци на Кападокија до создавање глинени армии.
Водичот „Лонли пленет” посветил неколку страници за секое од нив, со фасцинантни фотографии и детални илустрации, кои на читателот му даваат увид во нивното создавање.
Викториините водопади се меѓу најубавите во светот. Се наоѓаат во Замбезија, на реката помеѓу Замбија и Зимбабве. Тие се широки над 1,5 километри, а паѓаат од 128 метри височина. Шкотскиот истражувач Дејвид Ливингстон ги открил во 1855 година и името им го дал според кралицата Викторија, иако нивното локално име е „Чад кој грми“.
Таџ Махал е градба во Агра во Индија, која што е изградена во периодот помеѓу 1631 и 1654 година. Во нејзина изградба учествувале околу 22.000 луѓе. Инаку мавзолејот е направен по наредба на Шах Џахан за неговата сакана Арџуманд Бано Бегум, која е позната и како Мумтаз Махал. Таџ Махал се смета за врвно остварување во могулската архитектура, стил кој што комбинира елементи од персиски, индиски и исламски архитектури.
Кинескиот ѕид е најголемата градба во светот. Се протега од степите во средна Азија до Жолтото море, со вкупна должина од 8.851 метри, висина од десет до 16 метри, ширина од 8 метри и претставува најдолг ѕид на светот и најголем одбрамбен објект. Неговата изградба со прекини и уривања датира од 5-от до 17-от век пред новата ера.
Ѕидот кој што е изграден од земја, камен и тули, е најголемата и најпозната туристичка атракција во Кина.
Аја Софија или Света Софија во Истамбул, поранешен Константинопол (Цариград) , позната како Црква на светата мудрост, со освојување на Византиското царство од страна на Отоманската империја е претворена во џамија, а потоа по одлука на Кемал Ататурк во 1935 година во музеј.
Архитекти на ова врвно градежно достигнување се Антемиј од Тралес и Исидор од Милет. Нејзината изградба траела од 532 до 537 година. Служела како православна црква до 1204 година, кога била преименувана во католичка, потоа повторно во 1261 година станала православа за да 1453 година конечно биде џамија.
Далол е вулкански кратер кој што се наоѓа во пустината Данакила, североисточно од подрачјето на Ерта Алеа во Етиопија. Овој кратер настанал во епохата на миоценот, а е завршен со фреатската ерупција во 1926 година, а на неговото дно има мало езеро. Станува збор за најнискиот активен вулкан, кој е сместен 82 метри под нивото на морето. Далол е име на многубројни топли извори и неколку гејзери. Местото по многу нешто наликува на националниот парк Јелоустон во Америка.
Војници од теракота или глинени војници се колекција од над 7.000 скулптурни војници и коњи направени од глина, а е пронајдена во гробницата на првиот кинески цар, Ќон Ш’хуанг, кој што ја обединил Кина во 221 година пред новата ера.
Сите скулптури имаат природна големина, а се откриени во март 1974 година. Во време кога царот починал и бил погребан, скулптурите биле закопани заедно со неговото тело, бидејќи постоело верување дека и по смртта царот ќе има војска со која ќе командува. Скулптурите гледаат кон исток и се наоѓаат во борбена формација.
Нгоронгоро е гејзер од згаснат вулкан во истоимена област, во покраината Аруша во Танзанија. Станува збор за најголем кратер во светот, со површина од 260 километри квадратни и длабочина од 610 метри за која се претпоставува дека настанала со уривање на вулкан чија што висина изнесувала од 4.500 до 5.800 метри, пред околу 2,5-3 милиони години. Во неговата средина се наоѓа сезонско солено езеро, кое што Масаите го нарекуваат Макат, што во превод значи сол.
Килауе е еден од петте вулкани на островот Хаваи, но и еден од најпосетените вулкани на Земјата. Килауе проработел во 1979 година, а од 1983 година постојано се излева лава од него. Ерупциите на овој вулкан уништиле три крајбрежни градови, но лавата која што се излеала во океанот создала стотици хектари ново копно. Ерупцијата од 1990 година го прекрила рибарското градче Калапана со лава, чија што дебелина изнесувала дури десет метри, а преживеале само неколку жители.
Палатата Потала е комплекс од градби во Ласа, Тибет, кои биле зимска резиденција на Далај Лама уште од 7-от век, а палата од половината на 17-от век, се до кинеската инвазија во 1959 година кога Тензин Гјатсо пребегал во Дарамсала во Индија.
Името го добила по планината Потала од која поттекнува Авалокитесваре (Господ кој гледа од горе), а го симболизира тибетанскиот будизам и претставува централно место на традиционалната тибетанска администрација. Комплексот се состои од Бела и Црвена палата со помошни згради, изградени на Црвената планина во средиште на долината Ласа, на височина од 3.700 метри.
Е. Г.