Дебакл доживеа организацијата за орото кое требаше денеска да се игра од Охрид до Струга, а со кое требаше да се сруши Гинисовиот рекорд. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот им се извинија на сите оние кои сакале да учествуваат, но не успеале да пристигнат. Претставникот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Насер Хот изјави дека орото е изиграно со некаде околу 7.000 учесници на пределот меѓу Охрид и Струга..
Собравме сили да донесеме некаде околу 7.000 луѓе и орото го игравме кај Подмоље, на потегот од реката Сатеска до влезот во Охрид. Орото е документирано, имавме една оптимистичка варијанта да собориме еден друг рекорд кој кинезите го имаат од 17.000 учесници меѓутоа не ставија во категорија од 2.500 учесници оро во низа. Им се извинуваме на тие кои имаа желба да дојдат, ние едноставно немавме можност сите да ги поканиме – истакна Насер Хот од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Во Охрид не се играше долгонајавуваното оро. Иако дел од учесниците беа распоредени на кејот на Охридското Езеро, никој од организацијата, која значително потфрли, не дојде да ги советува што тие треба да прават. По кратко време, учесниците кои беа распоредени во Охрид се растурија и си заминаа.
Мислам дека е оправдано што го игравме орото на средина меѓу Охрид и Струга, сакајќи да ја задоволиме помошта од двата града. Искрено тие се потрудија максимално, затоа сакавме и некаде на средина да се игра. Тоа што не игравме во Охрид е можеби моментално прашање. Ќе играме за некој месец или за некој ден ќе играме пак. Добро ни оди оваа варијанта со орото, ќе играме пак и ќе ги поканиме сите – одговори Хот.
Голем пропуст организацијата направи и со медиумите кои не беа информирани каде точно ќе се игра орото.
Јас се извинувам, можеби не ве информиравме дека таму ќе се игра, но тоа беше одлука во последен момент да се одигра кај Подмоље – се извини Насер Хот.
На крај, Хот резимираше дека добиле услов да учествуваат во категорија од 2.500 луѓе, но дека имаа желба да го соборат кинескиот рекорд.
Ние добивме услов да учествуваме во категорија од 2.500 учесници, а имавме желба да направиме оро поголемо и од кинеското. Сега, и нашите имаа желба да победат на Евровизија но не успеаја – резимираше Хот.
Во орото кое денеска требаше да го сруши Гинисовиот рекорд, планирано беше да играат над 18.000 учесници и се најавуваше дека подготовките течеа во најдобар ред. Наместо тоа, учество зедоа некаде околу 7.000 луѓе кои беа пристигнати од многу градови низ Македонија, но и од странство.
Ф.Ј.
ФОТО: А1он