Претседателот Ѓорге Иванов ја поздрави оценката на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев и изјави дека е подготвен веднаш и неодложно да ја потпише декларацијата за добрососедски односи со соседна Бугарија од 1999 година.
– Ја поздравувам оценката на претседателот Плевнелиев. Се согласувам целосно со него дека потпишувањето на старата декларација за добрососедски односи може да го има истиот ефект. Воедно, предлагам ние двајцата да го направиме тоа веднаш и неодложно, во Софија или Скопје, изјави за МИА македонскиот претседател Ѓорге Иванов, запрашан за коментар на изјавата на бугарскиот претседател.
На прашањето до каде е стасано со договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и дали Бугарија ќе го поддржи интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ, Плевнелиев на прес-конференција во Берлин изјави дека Република Македонија се откажа од стариот договор за добрососедство.
– Секако дека Бугарија се залага за добар договор за добрососедски односи. И ништо повеќе, ниту помалку. Тоа е стандарден документ кој може да се состави во неколку часа. Ние исто така велиме дека потпишувањето на старата декларација за добрососедските односи може да го има истиот ефект. Ние воопшто не разбираме зошто денешната власти во Скопје се откажаа од оваа добра декларација за добрососедски односи. Ние сме тука, ние ја даваме поддршката дење и ноќе. Ние сме голем пријател, ја гледаме иднината на Македонија која е исклучително значајна за Балканот. Но, ве молиме пристапете кон основите на модерната дипломатија. Да започнеме со добрососедството!, изјави Плевнелиев.