Лидерот на Шин Феин, Џери Адамс ги отфрли како неточни обвинувањата дека пред неколку години го предупредувал семејството Меконвил од Белфаст, да не ги откриваат грабнувачите и убијците на нивната мајка Џин Меконвил.
Таа во 1972 година беше погрешно обвинета од ИРА дека е британски шпион и подоцна ликвидирана од припадници на оваа паравоена организација.
Демантот на Адамс уследи откако синот на убиената, Мајкл Меконвил изјави дека лидерот на Шин Феин го предупредил да внимава што прави, доколку тој и неговата сестра се одлучат да и ги соопштат на полицијата лицата за кои веруваат дека се убијците.
Според Мајкл Меконвил, во тој разговор, Адамс му рекол дека ако се одлучи да ги открие осомничените, ќе треба да биде подготвен и за последиците што потоа ќе уследат. Тој сега вели дека таквите зборови за него претставувале „предупредување и заплашување“.
Адамс, меѓутоа, за Би-Би-Си изјави дека не го рекол тоа во разговорот со Мајкал Меконвил, ниту дека кого било заплашувал.
– Доколку тој или кој било од семејството сака да ги соопшти имињата (на убијците), тогаш тоа треба веднаш да го направи, за да се дојде до вистината. Право на Мајкл и на другите во семејството Меконвил е да го направат тоа, рече Џери Адамс.
Адамс беше уапсен минатата среда кога доброволно се појави во полициската станица во Антрим за да даде изјава за случајот со мајката на десет деца од пред 42 години. По четиридневно сослушување Адамс беше ослободен, без да биде покренато обвинение против него, затоа што сознанијата и доказите што ги имаат детективите се „премногу слаби“.
Лидерот на Шин Феин демантира дека има каква било врска со убиството, оценувајќи дека против него се води „злонамерна и невистинита“ кампања, за да се прикаже дека е поврзан со ликвидацијата на жената, како и дека таа кампања постојано се потхранува.