Парламентарно мнозинство без најголема албанска партија е штетно за Македонија и секоја друга постапка ќе остави тешки последици врз државата, изјави политичкиот аналитичар Насер Зибери на денешната дебата насловена „(Не)легитимност – Причина, предвремените парламентарни избори“ во организација на Институтот за истражување на политики и добро владеење – Скопје.
Според него, Груевски се обидува да преговара и со двете партии од албанскиот политички блок, ДУИ и ДПА, а со самото тоа се создава немир кај албанската јавност.
– Доколку Македонија беше класичен политички систем со повисоко ниво на демократија и политичка култура немаше да се создаваат проблеми од ваква природа. Резултатите од изборите, Груевски ги става во функција на теснопартиски интереси на својата партија ВМРО – ДПМНЕ. Неприродно е да се создава парламентарно мнозинство без партија за која гласале најмногу граѓани.
– Сепак, партиите кои победија на изборите ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ имаат легитимност да развијат преговори и платформа за владеење. Секоја друга постапка ќе остави тешки последици. Неповикувањето на ДУИ во Владата може да доведе до федерализација на државата, бидејќи преку политиката нивниот глас не може да се артикулира и тие треба да идат во планина или пак во други форми да прават пресии да се измени политичкиот систем во Македонија. Тој систем преку дијалог тешко се менува – изјави Зебери.
Поранешниот амбасадор Алајден Демири вели дека за разлика од претседателските избори кои се одржаа на време, предвремените парламентарни избори се нелегитимни и нелегални, бидејќи се појавија во време кога тоа не се очекуваше. Со одржувањето на уште едни предвремени парламентарни избори поради криза во рок од две години, се врши злоупотреба на дадената легитимност, смета Демири.
За Демири СДСМ и ДПА одиграле погрешно, бидејќи требало да ги бојкотираат изборите уште пред да се закажат.
– Влегуваме во фаза на тоталитаризам, ВМРО – ДПМНЕ посакува да ја сруши опозицијата, создавајќи „нова опозиција“ од други партии. Со постојаното барање на 62 пратеника, значи влошување на меѓуетничките односи – вели Демири.
Според него, ВМРО – ДПМНЕ се соочува со криза поради незачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ, спорот со името со Грција и економската криза во државата. Груевски ниту еднаш за време на кампањата не го спомна неговиот главен адут од минатите избори – Скопје 2014, вели Демири, велејќи дека постои и кризата се чувствува и во инвестициите, спомнувајќи го „криминалниот партнер Субрата Рој“.
Петар Клинчарски