Неколку куќи и домови на имигранти од Полска биле цел на напади во Белфаст, како дел од кампањата на омраза кон странските доселенеци, што се шири низ Северна Ирска.
Привремените живеалишта на три полски семејства биле каменувани и врз нив се испишани графити во кои се бара да си одат од покраината. Врз фасадите и вратите на куќите на полските доселеници, под закрила на ноќта, се испишани пароли: „Одете си дома“ и „Ова е само за локалното население“.
Никој од доселениците, кои во Белфаст се дојдени за подобар и побогат живот, не е повреден во овие инциденти, но полицијата покрена истрага.
Инцидентите се случуваат во источните и северните делови на Белфаст, во кои живеат само протестантски семејства, па се верува дека зад ксенофобичните инциденти и пароли, како и зад нападите, стојат припадници на разните протестантски и униониситчки милитантни групи, а пред се активистите на формално расформираните Алстерски добоволни сили (УВФ).
Почесниот конзул на Полска во Северна Ирска, Џером Мален, ги осуди ваквите напади и целата кампања на омраза, барајќи интервенција на полицијата и заштита на „преплашените странски имигранти“.
Ова не се први вакви инциденти во покраината. Во изминатите две-три години во Белфаст беа регистрирани вакви напади врз домовите на странски имигранти и доселеници, главно врз Полјаци кои се најбројни, но и врз имигранти од балтичките држави и од Романија.
Активисти на разни хуманитарни организации забележуваат дека Северна Ирска повторно го презема водството во ЕУ како регион во кој доминира омразата и во кој се води таква кампања. Тие изразуваат жалење што сите сили не се насочуваат кон градењето поинаква слика за Северна Ирска, како што тоа се правеше во првите години по мировната спогодба од Стормонт од 1998 година.