Со чартер-лет од Амстердам денеска на охридскиот аеродром пристигнаа првите 180 туристи од земјите на Бенелукс, преку аранжманите на холандскиот тур-оператор „Корендон“ и нивниот македонски партнер, агенцијата „Фибула Ер травел“.
Туристите од Бенелукс, особено оние од Холандија, години наназад се најбројните странски гости што доаѓаат да летуваат во Македонија.
– Активно работиме на подобрување на понудата, со збогатување на понудените содржини. Како новина оваа година е и чартер-лет на нашата агенција од Анталија за Охрид, што ќе се реализиа од средината на идниот месец се до средината на септември, истакна Асим Меѓедовиќ, директор на „Фибула Ер травел“.
Според Насер Хот, советник во Агенцијата за поддршка на туризмот, се очекува секоја наредна туристичка сезона да биде подобра од претходната.
– Минатата година во Македонија пристигнаа некаде околу 23 илјади туристи од земјите на Бенекулс. За оваа година најавено е најмалку десетпроцентно зголемување на таа цифра, што е потврда дека сите напори што Владата ги вложи во таа насока вродија со плод. Секоја година сме се подобри и подобри, тоа е евидентно со резултатите. Мислам дека и гостите ќе се чувствуваат подобро бидејќи и ние учиме паралелно со нив, оттаму што комплетната туристичка понуда постојано се подобрува, како организациски така и со понудените содржини, така мислам дека ги покриваме и вкусовите на најпребирливите гости, оцени Хот.
Покрај „Корендон“, Македонија како дестинација за летување на туристичкиот пазар во земјите на Бенелукс ја нуди и тур-операторот „ТУИ Аркетравел“, чиј прв авион со гости во Охрид пристигнува веќе на 8 мај. Последниот лет за враќање назад на туристите од Бенелукс што ќе летуваат тука е предвиден за 2 октомври. Се предвидува во шпицот на сезоната на охридскиот аеродром да се реализираат по пет чартер-летови со гости од земјите на Бенелукс, а нивниот број да биде некаде околу 900 гости седмично.