Пред многу години, иранските жени, посебно оние од помладата генерација, очјано бараа оригинални „брендови“ – или странски, најмногу западни фирми. Странските брендови беа покул, помодерни, па затоа и поскапи. Постоеја неколку домашни трговски марки, и онакви кои не беа многу посакувани според стандардите на помладите генерации.
Но пред неколку години, нешата почнаа да се менуваат. Се појавија домашни дизајнери со свои уникатни идеи. Дизајните со многу бои за жени почнаа да се појавуваат и го привлекуваа вниманието.
Денес во Иран има неколку десетици локални брендови, регистрирани и нерегисрирани. Како и другите во глобалната модна индустрија, новите дизајни секоја сезона излегуваат на пазарот. Како и другите модни дизајнери и тие имаат свои модели, но за разлика од другите во бизнисот, тие не сакаат многу да се рекламираат во јавноста. Наместо тоа, нивните професионални фотографии се поставуваат на социјалните медиуми.
Пуш, регистриран ирански бренд за жени
Пуш (познат и како Пушема), дијазнира палета производи, од облека и додатоци до рачно изработени чанти и чевли. Фарназ Абдули е главната дизајнерка зад овој бренд, кој е составен од група дизајнери кои го сочинуваат Пуш.
– Како млада девојка не можев да си го најдам омилениот џемпер. Секогаш си мислев зошто да морам да следам одреден формат кога станува збор за секојдневна облека? Зошто да не искористам нешто кое е допадливо и притоа не се судира со исламскиот код за облекување?, вели Абдули.
Со ваква идеја, Абдули која е дипломиран графички дизајнер, одлучила да креира нејзин сопствен стил. Учествувала на неколку работилници за моден дизајн во Техеран, Истамбул и во Дубаи, имала неколку свои модни ревии, и пред три години го основала брендот Пуш.
– Пред секоја сезона, ги следам модните трендови низ светот и се обидувам да бидам во тек со нив… Контактирам со ирански дизајнери кои живеат во странство, дискутираме за моите идеи и понекогаш од нив добивам совети, вели таа.
Пуш е официјално регистриран бренд во Иран, што значи дека ги има сите потребни дозволи од Синдикатот за облека, Администрацијата за јавни места и од Министерството за култура и исламски упатства.
Абдули објаснува дека за добивањето на сите дозволи биле потребно многу време и тоа било скап процес, што моеби е причината зошто нема многу официјални женски брендови во земјата.
-Тоа е многу чувствителна област, вели таа. „По цел ден сте под силен притисок да не се поминат црвените линии. Оттука, многу луѓе не сакаат да ризикуваат и да инвестираат. Затоа сега имаме многу дизајнери кои работат инкогнито и се рекламираат само на социјални медиуми, како што се Фејсбук и Инстаграм“.
Пуш ги поминало сите административни чекори. Сега е тоа официјален бренд со свој официјален дуќан во западен Техеран, но сеуште ги користи социјалните медиуми како едно до рекламните алатки, и има над 84,000 следбеници на Фејсбук.
– Поголемиот дел од нашите следбеници на Фејсбук живеат во странство, вели таа. „Добиваме нарачки од многу земји, посебно од САД и Канада, а повеќето од нив не е се ниту Иранци. Тие знаат за нас преку текстови објавени во англиските медиуми“.
Но испораката на нарачките не е лесна работа. „Заради санкциите, примањето на странски валути преку банкарски сметки не е можно. Затоа оние кои имаат свои пријатели и врски во Иран имаат шанса да ги купуваат нашите производи“, објаснува таа.
Пуш ги избираат своите модели според опсегот на нарачки кои ги примаат. Имаат свој тим од професионални фотографи кои знаат како да не се претера, иако Абдули потенцира дека не постојат посебни упатства во однос на модното фотографирање на жените во Иран. „Не треба секоја фотографија да ја испраќаме на одобрување, но секако дека не надгледуваат. Понекогаш добиваме предупредувања, но до денес не сме имале никакви проблеми во однос на нашите фотографии“.
Анар дизајн, мешавина на модерен и традиционален дизајн
Анушех Асефи вели дека иако не го регистрирала својот бренд Анар (што значи „калинка“ на Фарси јазикот) таа има свој салон и има своја програма за шалови и мантии – вид на кратки и долги наметки кои станаа симбол за модата кај иранските жени – на сезонска основа. Родена во 1983 година, Асефи има магистратура по дизајн на текстил, а исто има и магистратура по илустрирање. Таа ја основала Анар дизајн заедно со нејзина пријателка во 2006 година, и откако нејзината пријателка го напуштила Иран, таа работи сама.
Асефи, која предава моден дизајн во неколку ирански институции, верува дека пресвртот кај иранскиот вкус од странски брендови кон домашните во изминатите неколку години, е заради поголемиот избор на материјали отколку што било порано.
– Малку по малку, луѓето се навикнуваат да користат бои и почнаа да носат шарени мантии со цел да изгледаат поинаку, објаснува таа. И додава: „Покрај тоа, видот на мантии кои ги носиме во Иран е нешто како иранска иновација, па затоа не може да биде увезена… Увезените мантии можеби нема да ја имаат истата деликатност и квалитет“.
Анар дизајн се рекламираат на социјалните медиуми. Овој бренд има повеќе од 3,800 следбеници на Фејсбук, каде тие се информираат за новите дизајни и претстојните модни ревии.
Анар дизајн е мешавина од бои, според западни и источни дизајни. „Заради мојата работа, ги познавам модните трендови во светот“, вели таа. „Покрај тоа, заинтересирана сум за мешани модерни и традиционални дизајни, на пример, за создавање на крпеници со модерни свилени материјали“.
Модели на Асефи се нејзините пријателки. „Тие треба да бидат убаво градени и атрактивни. Освен тоа, тие треба да се чувствуваат комотно кога нивните фотографии се снимаат и објавуваат онлајн. Вообичаено самата ги уредувам фотографиите, но понекогаш ми помагаат и пријателите“.
Иако на некои фотографии моделите не носат шамии, таа вели дека никој досега не ја предупредил да го следи исламскиот код на облекување.
Радаа, лесно за носење
Марјам Вахиѕадех има 24 години и живее во јужниот град Шираз. Нејзиниот бренд Радаа (што значи „руба“) бил основан летото 2012 година. Таа неодамна официјално го регистрирала, а последните чекори се во тек.
-Моите дизајни немаат авторски потпис. Јас само верувам дека секој мора да се чувствува комотно во облеката… одбирам материјали на кои не им треба редвно пеглање и моите теми не се сурови и без карактер. Можам да кажам дека се тие модерни и комфорни, наместо класични и формални, вели Вахиѕадех.
Вахиѕадех, која има диплома по архитектура, вели дека откако увидела дека луѓето имаат се поголем интерес за домашните модни дизајни, и таа одлучила да создаде свој бренд.
-Во последниве години, многу ирански дизајнери почнаа активно и јавно да работат… за разлика до пред неколку години, сега домашните брендови се повеќе сакани отколку странските, вели таа. „Го поддржувам тоа што сме способни да дизајнираме на основа на нашите вкусови, и не сме присилени кон странските дизајни кои се на основа на туѓи вкусови и стилови“.
Сега кога е регистриран, Радаа има дозвола јавно да се рекламира, но сеуште се многу активни на Фејсбук, каде имаат околу 13,500 следбеници. Вахиѕадех вели дека е заинтересирана да ја прошири својата работа и областа на дистрибуција. Веќе примила нарачки од странство, како од Обединетотоо Кралство, но објаснува дека заради високите поштенски трошоци и некои ограничувања не може да ги испраќа своите производи.
Таа додава: „Веќе претходно ми понудија да соработувам со некои дизајнери во Холандија и Шведска, но тогаш тоа не беше можно“.
Моделите на Радаа се пријатели на Вахидаѕех. Таа вели дека нема многу луѓе во Шираз кои сакаат да бидат модели, и дека воглавно добива понуди од модели од Техеран.
Денес во Иран постојат неколку десетици модни дизајнери кои се фокусирани на женската облека. Иако можеби нема воспоставени упатства кога станува збор за женската мода и модната фотографија, новиот бран модни дизјанери се мотивирани повеќе од кога било за да ги задоволат високите модни барања на жените во Иран.
Глобал војсес