Европскиот суд за правда во Стразбур го отфрли приговорот на британската Влада за новиот данок на ЕУ за финансиските трансакции, познат како „Робин Худ“, со оценка дека е преуранет.
Од 28 земји-членки на Унијата, новиот данок го прифатија 11 држави (Германија, Франција, Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Португалија, Грција, Словенија, Словачка и Естонија). Сите овие се дел од еврозоната, која има 18 земји, но Велика Британија се противи на ваквиот данок и најави дека нема да го прифати.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека новиот данок на финансиските трансакции „не е добра идеја“, ниту ќе има каков било ефект, доколку не биде донесен на глобално ниво. Министрите во владата во Лондон сметат дека тој ќе им наштети на британските финансиски интереси, а посебно на финансискиот центар Сити.
Судот во Стразбур воопшто не навлегол во елаборација на британските приговори и аргументи, затоа што данокот не е усвоен, ниту пак за него се изјасниле сите 28 земји -ленки на ЕУ.
Дури по неговото прифаќање, Велика Британија ќе може да вложи свој приговор. Според правни и финансиски експерти во Лондон, приговорот би требало да се заснова врз неговите елементи на „екстериторијалност“.
Некои земји од ЕУ, претходно, имаа резерви околу оданочувањето на финансиските трансакции, што неговите противници го нарекуваат „данок Робин Худ“, затоа што средствата од екстра оданочувањето на банкарските трансакции би се користеле за социјални потреби. Но, засега никој не застана отворено на страната на британската Влада во нејзиното спротивставување.
Франција и Германија ја обвинуваат Велока Британија дека „претерува“ со своите барања за ексклузивитет околу одлуките и решенијата што ги носи ЕУ, бранејќи ги само интересите на својот финансиски центар, а не заедничките интереси на Унијата.
Идејата за ваков данок се роди во време на банкарската и финансиската криза во ЕУ, а посебно во еврозоната, која предивика потреба од надворешно покривање на неликвидноста на Грција, Ирска и Португалија.