Над 30 бармени од Македонија денеска учествуваат на седмото по ред државно првенство на бармени што се одржува во Скопје.
Тие ќе се натпреваруваат во две категории – класична подготовка на коктели и флертендинг. Првата категорија подразбира претставување на натпреварувачите со свои авторски коктели кои ќе бидат оценети од стручна комисија, додека во втората категорија, учесниците ќе прават коктел кој ќе го приготват со акробациски движења и елементи на жонглирање со барската опрема.
Во финалето ќе влезат 12 учесници кои повторно ќе се претстават пред жири комисија за најпрестижното прво место.
Најдобрите ќе ја претставуваат Македонија на Светското првенство на бармени што ќе се одржи во Кејптаун, ЈАР. Покрај ова, на угостителските објекти во кои работат бармените, ќе им биде доделена лиценца за користење на софистициран софтверски пакет за угостителско работење – ЕАSY POS.
Во рамки на Државното првенство во Скопје, планирано е да се одржи и едукативен семинар на кое предавачи ќе бидат Аристотелис Пападопулос, победник на Diageo Reserve World Class и Никос Арсланоглу, учесник на Diageo Reserve World Class и судија на многубројни натпревари.