„Демократскиот сојуз оценува дека денешните претседателски и вонредни парламентарни избори беа фер, демократски и се одржаа во скандинавски стил.
Во текот на изборниот процес не се регистрирани кршења на изборната регулатива, граѓаните можеа достоинствено, слободно и тајно да се изјаснат за кандидатите за пратеници и кандидатите за претседател.
Во предизборната кампања, сите политички партии имаа можност пред граѓаните да ги претстават програмите и кандидатите за претседател и пратеници.
Демократскиот сојуз ги мобилизира целокупните свои капацитети и како дел од „Коалицијата за Подобра Македонија“ ги афирмираше основните политички принципи и изборната програма.
Демократскиот сојуз смета дека какви и да се резултатите, тоа е определба и волја на граѓаните и од сите учесници на овие избори, резултатите мора да бидат признаени.
Денес беше голем ден за демократијата, денес победи Македонија.
Граѓаните ја имаат најголемата заслуга за демократскиот амбиент и мирните и фер избори.
Пред тие што денес добија поддршка од граѓаните, одговорноста е огромна, бидејќи граѓаните очекуваат стабилност и услови за подобар живот“, се вели во соопштението на Демократскиот Сојуз.