Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева-Змејкова денеска во рамки на работната посета на општина Тетово, се сретна со здравствените работници.
Од ФЗОМ соопштија дека лекарите, фармацевтите и стоматолозите на работната средба биле информирани од директорката Парнарџиева-Змејкова за тековните активности на работењето на Фондот. Тие ги поздравиле новините кои ги воведе Фондот во однос на упатувањето на пациентите на повиско ниво на здравствена заштита, како и во однос на електронското работење и пријавување и одјавување на пациентите.
Истовремено, лекарите го искажале своето задоволство од начинот на соработка што го остваруваат со Фондот, кој внимателно ги анализира барања на лекарите и во рамки на своите надлежности ги реализира.
Парнарџиева-Змејкова ја искажала нејзината подготвеност за продолжување на редовните средби со лекарите и аптеките, затоа што успешната соработка се должи токму на редовната информираност на Фондот од страна на лекарите и аптеките за тешкотиите кои треба да се надминат.
Средбите, посочуваат од ФЗОМ, ќе продолжат и во иднина, преку доставување на информации до подрачната служба на Фондот во Тетово и централата, како и преку редовни едукативни работилници и состаноци.