19-годишниот Стивен Сатон, кој што боледува од карцином на дебелото црево, успеал од болничка постела да собере милион фунти за хуманитарни цели.
Болеста му била дијагностицирана кога имал само 15 години. Иако по операција канцерот бил отстранет, само година дена подоцна болеста повторно се вратила.
Деновите од животот практично му се изброени, но тој од својата 16 година си зацртал цели, кои сака да ги исполни додека е жив. Составил список од 46 работи, кои сака да ги направи пред смртта да го победи.
Стивен успеал да оствари поголем дел од своите желби. Летал во авион со прва класа, го посетил познатиот стадион Вембли, се истетовирал, свирел на тапани пред бројна публика, напишал книга, скокал со банџи и падобран.
Тој во текот на својата борба со болеста пактично станал медиумска ѕвезда во Велика Британија. Држел мотивациски говори пред броен аудиториум, запознал голем број познати личности, меѓу кои се и фудбалерите Стивен Џерард и Роби Фаулер.
Сепак една од неговите последни желби била да собере милион фунти за хуманитарни цели.
Тој минатата недела соопшти дека сака да собере пари со цел „да покаже дека неговиот краток живот сепак имал смисла“. За помалку од седум дена успеа да собере повисока сума од онаа што тој ја замисли.
Стивен за жал сега е во болница и е во многу тешка состојба.
Е. Г.