Шпанија, трета најпопуларна дестинација на светот, забележа во првото овогодишно тримесечие поголем број на странски туристи.
Бројот на странски туристи во првите три месеци е зголемен за 7,2 отсто во однос на истиот период минатата година, односно на 10,1 милион туристи, соопшти шпанското Министерство за туризам.
Најголем број туристи имаше од Велика Британија (1,9 милиони), што е за 4,7 отсто повеќе во однос на минатата година, бројот на француските туристи се зголеми за 11,5 проценти на 1,7 милиони, додека бројот на Германците, кои ја посетиле Шпанија се зголеми за 6,2 отсто, на 1,6 милиони.
Шпанија минатата година се врати на третата позиција во светскиот туризам, престигнувајќи ја Кина со рекордни 60,6 милиони странски посетители.