Во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ е вработувањето на младите. Тоа е наш приоритет и за таа цел е посветен значаен дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, истакна денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претставувајќи проекти за отворање работни места од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.
Спасов информира дека работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат невработени до 29 години со полно работно време извесен период ќе бидат ослободени од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување. Во програмата, како што рече, се предвидува посебен оперативен план за активни мерки специјално наменет за вработување млади со кој годишно ќе се вработат над 3.000 млади лица. Вредноста на проектот е 150 милиони денари.
– Со програмата за вработување „прва шанса“ државата ќе го субвенционира вработувањето по моделот 3+6, 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работодавачите да го задржат на работа или на негово место да вработат друго невработено лице. Со оваа програма ќе се субвенционираат над 1.000 лица во времетраење од 3 месеци во износ од 13.000 денари бруто плата, рече Спасов.
Според него, преку програмата „практикантство на млади лица“ Владата ќе им помогне на младите што поподготвени да се вклучат на пазарот на труд. За спроведување на оваа програма ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување во период од 3 месеци, а предвидено е да се субвенционираат 2.000 невработени лица.
Дополнително, посочи Спасов, за младите лица ќе се реализираат и програмите за самовработување со кредитирање и за поддршка за вработување во микро и мали компании. На млади до 29 години кои сакаат да се самовработат ќе им се обезбеди можност за подигање кредит од 7.000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци.
Со програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании ќе се обезбеди можност работодавачите да добијат кредит од 4.000 евра за секое нововработено младо лице до 29 години.