Гостите во виенските кафеани веќе треба да плаќаат за водата што им се послужува со кафето, а половина литар ќе ги чини до 3,60 евра, соопшти Виенската трговска комора.
Како што пренесува ДПА, бесплатната вода беше еден од високо ценетите гестови на внимание од страна на гостите низ виенските кафеани.
Но, според едно неодамншно истражување, 27 од 30 кафеани почнале да ја вметнуваат и водата во сметката. Некои од нив продолжуваат водата да ја носат бесплатно, но само кога клиентот порачува и храна.
Сопствениците на кафеаните ваквата одлука ја правдаат со тоа дека чашите за вода треба да се мијат и дека послужувањето, исто така, чини пари.