Иако претставници на владеачката партија во разговори со претставници на меѓунардоната заедница инсистирале парламентарни избори да се одржат најдоцна на 25 ноември, А1он дознава дека за тоа не постои никаква техничка можност.
Посебно што под поимот меѓународна заедница, не се подразбира, само ЕУ и САД амбасадите, туку и сите релевантни земји вклучувајќи ја и Русија, кои се членки во ОБСЕ.
Дознаваме дека Министерството за внатрешни работи е клучниот проблем зашто не е можно избори да се организираат за толку краток рок, а тие да бидат фер и демократски. Се уште не се издадени повеќе од 280.000 лични карти или патни документи кои се неопходни за да се излезе на гласачките места и да се гласа.
Оваа бројка ја има и ОБСЕ многу прецизно и ова го укажале на средбите со владеачкото мнозинство.
Министерството за правда има задача ги инкорпорира забелешките од ОБСЕ.
Токму ова било укажано на средбите и им било соопштено на коалициските партнери, да не влегуваат во непотребна авантура се додека не се исчисти избирачкиот список и не се внесат забелешките на ОБСЕ, за што се потребни најмалку два месеци.
Но поради внатрекоалицискиот конфликт, ова може дополнително да се пролонгира.
Дел од амбасадите, дознаваме, и отворено препорачале техничка влада после соопштувањето на Извештајот на ЕУ доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи локалните избори да ги поврзе со парламентарни.
Имало и предупредување, дека ако проблемите со личните исправи и препораките на ОБСЕ не се решат и имплементираат тогаш опозицијата ќе има право да ги бојкотира изборите и секакви укажувања на владеачкото мнозинство меѓународната заедница да изврши притисок на СДСМ ќе бидат беспредметни.
Доколку пак Груевски се реши сепак да оди на избори без исполнување на овие критериуми, Македонија може да се најде во незавидна состојба и опасност изборите да бидат нелегитимни што според дипломатите е африканско сценарио, не само за изборите, туку и за иднината на земјата.
Од Брисел дипломатите тврдат дека со ваков развој македонското членство во Унијата ќе биде пролонгирано барем за 3 години.