Скопскиот апелационен суд ја потврди казната за Игор Спасов од 14 години затвор досудена за убиството на Мартин Нешковски на скопскиот плоштад.
Жалбата во Апелациониот суд ја поднесоа адвокатите на специјалецот Игор Спасов кој во постапката пред кривичниот суд тврдеше дека не е виновен и дека нема докази дека го сторил делото. Тој бараше ослободителна пресуда или предметот да се врати на повторно судење, зашто тој тврдеше дека не го убил Мартин Нешковски. Според него, критичната вечер бил работно ангажиран да го чува премиерот за време на прославата на ВМРО ДПМНЕ. Нешковски се обидел да се качи на бината, па затоа тој почнал да го брка.
Откако Нешковски се сопнал од кабел и паднал, Спасов тврдеше дека се обидел да му помогне, но и дека не го удирал со тупаници и клоци како што тврделе поголем дел од сведоците.