Одговорност од владините партнери, бара претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
„Различни гледишта меѓу коалициони партнери се вообичаена работа во услови на демократија, но за сите такви прашања треба да се најде решение преку дијалог“, порача претседателот Ѓорге Иванов, за прв пат коментирајќи ја кризата во владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Очекува да се најде решение, и од ова да се извлече поука.
Лицата што во армиска униформа се појавија на чинот на положување цвеќе пред споменикот на некогашната ОНА во Слупчане треба да понесат одговорност, вели претседателот и Врховен командант на оружените сили.
„Ние веднаш реагиравме. Дадов налог да се спроведе истрага и Генералштабот на АРМ констатираше дека Армијата нема никаков удел во настанот во Слупчане. Станува збор за лица од Министерството за одбрана, односно од кабинетот на министерот кои ја злоупотребиле армиската униформа и го довеле до заблуда населението да мисли дека армијата присуствува на тој чин. Се покренаа сите процедурални активности и се очекува за тие лица да биде преземена одговорност, затоа што е строго пропишано кој и кога може да носи униформа. Генералштабот ќе предложи до министерството за тие лица да се преземе одговорност“, изјави претседателот Иванов.