Европската унија без одлагање да ги започне пристапните преговори за влез на Македонија во Унијата, повика денеска Федералното Собрание на Меѓународното европско движење (ЕМИ) кое се одржа во Институтот „Марјиа Апс” во Брисел.
Предлог-резолуција е предложена од претставникот на Македонија, професорот Димитар Мирчев, а членовите на Собранието на оваа невладина организација ја изгласаа едногласно, подржувајќи ја со громогласен аплауз.
„ЕМИ повикува да се посвети посебно внимание и интензивирање на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан. Исто така, ние го поздравуваме извештајот на Европската комисија за подготвеноста на Црна Гора за почеток на пристапните преговори и го повикуваме Советот да ја прифати оваа препорака и преговорите да започнат што е можно побрзо“, гласи почетокот на Резолуцијата, во која во продолжение се говори за Македонија.
„Македонија е кандидат за членство на Унијата од 2005 година и трипати по ред добива препорака од Европскиот Совет да започне пристапни преговори. ЕМИ ја повикува ЕУ да започне преговори со Македонија без одложување и да ја покани Србија да го започне истото, со тоа што претходно би добила покана од ЕС“, пишува во заклучокот, што присутните едногласно го усвоија и го поздравија со громогласен аплауз.
Според професорот Мирчев, кој ја даде Предлог-резолуцијата од името на нашата држава, Македонците се среќни што повеќе од прашањата се влезени во текстот.
„Некои како Хрватска се приклучија во ЕУ, Црна Гора почнува преговори, а Србија и Македонија се кандидати да започнат со преговори. БиХ, Албанија и Косово се назад во овој процес. Упатуваме апел до ЕУ да го забрза процесот на интеграција на овие земји, што е според фундаменталните права за кои се залага Европската унија. Македонија е кандидат седум години, последните три години добива позитивни оценки и препораки од Европската комисија да започне преговори и не е прашање дека не исполнува реформи, туку има друг проблем, па затоа бараме забрзување на процесот за почеток на преговори“, рече Димитар Мирчев.
Федералното Собрание на Меѓународното европско движење е најголема невладина организација насочена на европска интеграција и неформално важи за идеолошка база на Европската унија. На овој настан кој се одржува еднаш на две години, заклучоците се упатуваат директно во Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.
Претседател на ова движење е британскиот европратеник Џо Леинен, потпретседател е Ксенија Миленковиќ од Србија, а генерален секретар е Диего Пинто од Португалија.