„Ниту владата предводена од Самарас, ниту било која друга грчка влада, нема да стори ништо за правата на македонското малцинство во Грција“, изјави Панајот Димитрис од грчкиот Хелсиншки мониторинг кој додава дека сите грчки политичари се опседнати со фантазијата дека во земјата не постои македонско малцинство.
„За овие прашања, нема шанси која било влада, предводена дури и од најумерениот премиер, да стори било што затоа што ова е табу тема. Коментарот на грчкото министерство за надворешни работи во однос на барањето на премиерот Груевски беше дека “ таму каде што завршува разумот почнува фантазијата”. Мојата поента е дека кога портпаролот ја даде оваа изјава требаше да се погледне во огледалото, зошто токму ова е проблемот на Грција, а не на Македонија. Фантазијата дека не постои македонско малцинство е опсесија на сите грчки политички партии, на сите грчки влади. Но, сите меѓународни организации, како Комитетот на ОН за заштита на правата на децата во јуни или Комитетот на ОН за спречување на тортурата во мај, и повторија на Грција дека мора да ги признае и да им обезбеди права на сите малцинства, па и на непризнаените. Во Комитетот за заштита на децата го покренавме прашањето за фактот што во Грција не може да имаш македонско име и презиме. Тие експлицитно порачаа дека Грција мора да ги почитува правата на децата од турското и македонското малцинство. Значи целиот свет верува во една работа, а Грција е изолирана, исто како и Бугарија, верувајќи дека сето тоа е фантазија. Одбивањето да го регистрира Домот на македонската култура и покрај пресудата на Европскиот суд, е уште еден доказ дека Грција нема намера да ги имплементира одлуките кои се однесуваат на македонските здруженија, вели Димитрис , во интервју за МТВ:
Димитрис вели дека Грција нема да попушти за овие прашања се додека не биде присилена од меѓународната заедница.
Грците се наведени да веруваат дека тоа претставува закана за нивниот идентитет и национален мит, смета Димитрис околу евидентниот проблем од грчка страна да се признае македонскиот идентитет, не само во однос на македонското малцинство, туку и во однос на македонскиот идентитет воопшто.
– Грција не успеа да го модернизира националниот мит за грчката нација. Сите нации, а меѓу нив и македонската нација, имаат национални митови, но тие се вообичаено модеренизирани. Но, „Грција е опседната на глупав начин, бидејќи не постои никаква закана за грчката држава, за грчките граници и за грчката нација. Антимакедонизмот во Грција е главна струја, а човековите права се маргиналзирани“, вели Димитрис.