Италијанската премиерка Џорџа Мелони го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и некои западни сојузници затоа што Рим не бил навремено информиран за планираниот напад на украинските сили врз руски бродови во либиското пристаниште Бенгази.
Мелони во текот на телефонскиот разговор во петокот му рече на Зеленски дека „тешко е да му се помогне“ и побара Италија да ги добива истите информации како и другите западни партнери, укажувајќи на политичките предизвици што ги создаваат неусогласените воени операции, објави денеска италијанскиот весник „Ил Џорнале д’Италија“. Според медиумските извештаи, Зеленски се извинил поради тоа што Италија не била претходно известена и ветил подобра размена на информации, но не најавил прекин на операциите против руски цели надвор од украинските територијални води.
Во Рим се отвора прашањето кои сојузници биле однапред информирани за нападот, а неофицијалните информации упатуваат на САД и Велика Британија.
Официјален Рим стравува дека проширувањето на украинските воени операции во Северна Африка би можело да ги загрози италијанските стратешки и енергетски интереси во Либија, вклучително и работењето на компанијата „Ени“, како и да предизвика руски одмазднички мерки, нови миграциски притисоци и ризици за безбедноста на поморскиот сообраќај во Средоземното Море.
Случајот предизвика и дебата во владејачката коалиција во Италија за воената помош за Украина. Партијата Лига побара да се разјасни на кои партнери мислел Зеленски пред разговорот со Мелони, додека вицепремиерот Матео Салвини најави итен состанок на Меѓуминистерскиот комитет за поморска безбедност.
Украинските сили на 22 ноември употребија седум поморски дронови за да ја потопат корветата на руската воена морнарица „Меркур“. Во нападот е уништен и хеликоптерот Ка-27 што се наоѓаше на бродот. Истовремено е нападнат и рускиот товарен брод „МВ Ангара“, за кој Киев тврдеше дека превезува оружје.
Украинскиот претседател Зеленски ја потврди одговорноста на украинските сили за операцијата, додека украинската Служба за безбедност соопшти дека дроновите биле лансирани од брод на море, а не од копно.
