Денес Уставниот суд постави опасен преседан и ги погази работничките права на над 2.000 културни работници во Македонија. Го укина Колективниот договор кој им гарантираше утврден начин на пресметување на платите, коефициенти според сложеноста на работните места, додатоци на плата, платени отсуства за стручно усовршување и други права од работниот однос. Овој договор беше резултат на синдикално извојувани права и механизам за заштита на вработените во 123 културни институции.
Апсурдно е што денес работниците мораа да протестираат пред институцијата која треба да биде последниот браник на нивните права, а не уште една институција од која ќе мораат да се бранат.
Случајот со Колективниот договор е неразделно поврзан со повеќе од една година судир меѓу културните работници и Министерството за култура, тогаш предводено од Љутков. Министерството воведе поинаков начин на пресметување на платите, спротивен на пресметките што ги бараше Синдикатот согласно Колективниот договор. Спорот заврши со околу 800 тужби поднесени од вработените. Наместо да се реши проблемот со почитување на договорените права, работниците беа принудени да ја бараат сопствената плата по судови. А сега, со укинувањето на договорот, им се одзема и основата врз која ги бранеа тие права.
За сето ова, поранешниот министер Љутков беше награден со позицијата национален координатор за култура, само седум дена по неговото разрешување. Владата прво ги утврди коефициентите за платата на новата функција, а потоа го именуваше Љутков – со околу 106.000 денари нето месечна плата. Работниците што ги остави со стотици тужби продолжија да се борат за сопствените плати, а тој доби нова функција и нова функционерска плата од буџетот.
Во каква држава живееме кога Уставниот суд носи одлука со вакви последици врз илјадници работници, а притоа одбива да ги сослуша нивните синдикални претставници? СКРМ побара јавна расправа и можност да ги изложи аргументите, достави две писмени барања, но не доби ниту покана ниту одговор. Судот одлучува за правата на луѓето што работат во културата, без да им даде можност да бидат слушнати. Кога институцијата што треба да ги штити уставно загарантираните права ги става под удар колективно извојуваните работнички права, кој останува да ги штити работниците од институционалната самоволност?
До овој момент нема јасен одговор ниту од Владата, ниту од актуелниот министер за култура Сулејмани, ниту од Љутков – што конкретно ќе се случи со платите и работничките права на овие луѓе? Кој ќе гарантира дека нема да следуваат нови произволни пресметки, притисоци врз вработените и дополнително кршење на нивните права? Кој ќе ја преземе одговорноста за правната и материјалната неизвесност во која ги оставаат над 2.000 луѓе? Во државава не функционираат институциите, не функционираат јавните услуги, не функционира одговорноста на функционерите. Но, кога треба да се удира по работничките права, институционалниот механизам функционира беспрекорно!
Денешниот протест беше симболичен погреб – не на културата, туку на правната сигурност и довербата во институциите што треба да ги штитат граѓаните. Но, како што порачаа и самите културни работници, со укинувањето на Колективниот договор нема да ги погребаат и луѓето што се борат за него. ДПМНЕ можеби успева да ги урива работничките права преку институциите, но не може да ја укине солидарноста и организираната борба на работниците!
