Длабоките поделби меѓу светските сили ја доведоа Организацијата на Обединетите нации во ситуација во која постои реална можност првпат во нејзината 81-годишна историја да остане без генерален секретар. Мандатот на актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш завршува на крајот на годината, но сè уште нема договор за негов наследник.
Експерти кои ја следат работата на организацијата предупредуваат дека постои реална можност Гутереш да го заврши мандатот без да биде избран нов генерален секретар.
„Тоа е реална можност, иако договор во последен момент сè уште е можен. Функционерите на ОН веќе подготвуваат планови за такво сценарио“, изјави Тибо Камели, поранешен дипломат во ОН, а сега истражувач во Центарот за меѓународна соработка на Универзитетот во Њујорк.
Советот за безбедност на ОН, кој е задолжен за изборот на наследникот на Гутереш, од јули досега одржал девет круга неформално гласање во рамки на сложената постапка за избор на нов генерален секретар.
Најмногу гласови во осум од деветте круга добила Ребека Гринспан, поранешна потпретседателка на Костарика и поранешна шефица на Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД).
Сепак, нејзиниот избор е далеку од сигурен, објавува „Франс прес“. Гринспан, како и другите кандидати, добила негативни сигнали од постојаните членки на Советот за безбедност, кои со право на вето можат да го блокираат нејзиното именување.
„Поради поделбите меѓу постојаните членки на Советот за безбедност, особено меѓу Кина, Русија и САД, изборот на нов генерален секретар е неизвесен“, изјави Даниел Форти од Меѓународната кризна група.
Големите светски сили тешко постигнуваат договор за бројни прашања со кои се занимава ОН, меѓу кои конфликтите во Судан, Газа и Украина. Истите поделби го отежнуваат и изборот на новиот прв човек на организацијата, додава Форти.
САД под претседателство на Доналд Трамп ја спроведуваат политиката „Америка на прво место“, со која се доведуваат во прашање основните принципи на меѓународната соработка врз кои се темели ОН.
„Мораме да спроведеме реформи и да воведеме ред. Мораме да обезбедиме оваа организација да функционира подобро“, изјави претходно американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, кој за ова прашање зборуваше многу поотворено од амбасадорите на другите постојани членки на Советот за безбедност.
Во делови од ОН постои загриженост дека Гринспан е „премногу поврзана со системот за да може да спроведе промени“, вели Естер Бример, поранешна помошничка на американскиот државен секретар во администрацијата на Барак Обама.
Камели изјави дека широко распространето е мислењето оти на изборот на Гринспан се противат и Вашингтон и Москва.
Меѓу кандидатите е и Лана Нусеибех од Обединетите Арапски Емирати, која подоцна се вклучи во трката. Многумина ја сметаат за можна фаворитка на Вашингтон, но засега тешко успева да обезбеди поширока поддршка.
„Недостигот од договор, заедно со огромните политички и финансиски притисоци со кои се соочува организацијата, ја прави функцијата генерален секретар многу помалку привлечна отколку во претходните години“, изјави Форти.
ОН се соочува со чести буџетски кратења, додека САД сè повеќе ја потиснуваат организацијата на маргините на меѓународните односи.
За овие проблеми зборуваше и раководител на една од агенциите на ОН, кој изјави дека моралот меѓу вработените веќе подолго време е прилично низок.
„Сите се надеваат дека новиот генерален секретар ќе биде личност која ќе донесе обнова и свеж пристап, но мислам дека тоа е и очекувано по десет години“, додаде тој, алудирајќи на двата целосни мандата на Гутереш на чело на организацијата.
Форти изјави дека моќните постојани членки на Советот за безбедност „почнале активно меѓусебно да разговараат за постапката за избор, што е знак дека сè повеќе го чувствуваат политичкиот притисок“.
И покрај поделбите, околу едно прашање постои широка согласност меѓу голем број држави. Многумина сметаат дека ОН, првпат во својата 81-годишна историја, треба да добие жена на чело на организацијата.
