Единаесет лица се повредени денес во терористички напад на Хутите врз кулата на Фондот за јавни инвестиции (PIF) во финансиската четврт на Ријад, соопшти Саудиската цивилна одбрана.
Во соопштението се наведува дека меѓу повредените во нападот има двајца саудиски државјани, двајца индиски државјани, тројца непалски државјани и четворица египетски државјани, пренесува агенцијата Анадолија.
Од Цивилната одбрана изјавија дека надлежните органи реагирале веднаш по нападот и дека биле спроведени итни мерки и постапки.
Турки ал-Малики, портпарол на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, претходно денес објави дека една од кулите во Ријад била цел на „кукавички терористички напад“.
Ова е втор напад врз кулата на PIF, која е највисоката зграда во Ријад и служи како седиште на саудискиот државен инвестициски фонд.
Првиот напад на Хутите врз кулата на PIF се случи на 19 ноември; тогаш саудиските власти известија дека биле оштетени неколку ката од кулата, како и соседните згради.
