Во организација на Фондацијата д-р Верица Механџиска, конференцијата ги обедини врвната светска наука, акредитираната клиничка едукација и директната поддршка за семејствата.
Повеќе од 1.200 лекари, терапевти, едукатори, истражувачи, родители и лица со аутизам од 18 до 20 ноември ги исполнија четирите сали на хотелот „Холидеј Ин“ на Меѓународната конференција за аутизам „Низ призмата“. Како прв настан од ваков обем во земјата и еден од најголемите бесплатни стручни собири во Европа, конференцијата беше целосно финансирана од Фондацијата со слободен влез и симултан превод. Програмата опфати 63 предавања, панел-дискусии, работилници и директни консултации.

84 говорници и најнови светски научни сознанија
Научната тежина на конференцијата ја дефинираа 84 говорници, меѓу кои 27 реномирани експерти од САД, Холандија, Италија, Израел, Велика Британија, Швајцарија, Шпанија, Канада и регионот.

Во Скопје предаваа водечкиот тим на израелскиот Азриели центар, проф. д-р Јан Бојтелар, проф. д-р Стефано Паланти, проф. д-р Филипо Муратори, проф. д-р Андреас Милер и британскиот самозастапник и едукатор Крис Бонело.

Нивното гостување овозможи најновите светски достигнувања — од примена на вештачка интелигенција и рани биомаркери, до неинвазивна невромодулација и современа дијагностика — наместо да останат достапни само на скапи меѓународни конгреси, директно и бесплатно да им бидат пренесени на домашните стручњаци и семејства.

Науката преточена во практична поддршка
Паралелната програма се одвиваше во четири тематски сали — „Перспективи“, „Калеидоскоп“, „Рефлексија“ и консултативното катче „Фокус“ — со цел научните знаења веднаш да добијат конкретна примена.

- За родителите и семејствата: Директни разговори лице в лице со специјалисти за фармакотерапија, исхрана, комуникација и образовна инклузија.
- За здравствените работници: Современа клиничка едукација акредитирана од Лекарската комора.
„Со оваа конференција уште еднаш потврдивме дека вистинските промени почнуваат тогаш кога науката, практиката и личното искуство ќе се најдат во ист простор. Огромниот интерес и активните дискусии во сите четири сали покажуваат дека на нашето општество му се неопходни вакви отворени, достапни и стручни платформи што градат разбирање и поддршка. Сега ни преостанува информациите што ги слушнавме да ги преточиме во конкретни дела“, порача Викторија Механџиска, претседателка на Управниот одбор и коосновачка на Фондацијата.
На свеченото отворање на конференцијата присуствуваа министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

За Фондацијата д-р Верица Механџиска
Фондацијата д-р Верица Механџиска е посветена на унапредување на здравствената, образовната и социјалната поддршка за децата и лицата со аутизам и атипичен развој, преку донации на сензорни соби и опрема, поддршка на локални иницијативи и организација на меѓународни стручни и едукативни настани. Повеќе информации се достапни на www.fvm.com.mk.
